За средбата помеѓу македонскиот, рускиот и малтешкиот министер за надворешни работи првично информира Амбасадата на Русија во Скопје, но освен нивната заедничка фотографи, не беше објавена никаква подетална информација околу средбата
Министерството за надворешни работи (МНР) потврди дека на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ била одржана средба помеѓу министерот Бујар Османи и неговиот руски и малтешки колега Сергеј Лавров и Иан Борг.
Средбата, како што информираат од МНР, била свикана од шефот на македонската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ со цел обезбедување натамошно функционирање на институциите на Организацијата.
„Денеска, на маргините на 30. Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со Организацијата, Бујар Османи ги повика министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, чија земја се очекува да го преземе претседавањето со ОБСЕ за 2024 година и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров. Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“,
информираат од МНР.
За средбата првично соопшти Амбасадата на Русија во Скопје на својот официјален фејсбук-профил, но освен заедничката фотографија, не беше објавена никаква подетална информација околу средбата.
Инаку, на дводневниот состанок на ОБСЕ во Скопје, меѓу другото, треба да се потврди претседавањето на Малта со ОБСЕ за 2024 година, кое беше одлучено со консензус на минатонеделниот подготвителен состанок и Постојаниот совет од страна на амбасадорите на 57 земји учеснички на ОБСЕ.
Изборот на Малта за иден претседавач со ОБСЕ беше постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.