Ова попладнево го соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР) надоврзувајќи се на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во која претходно денеска тој потврди дека земјава е коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за Украина во која, главно, се користи помалку критичен јазик за руската инвазија, а Москва не се наведува како експлицитен агресор и извор на конфликтот
Одлуките за спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции – напротив – со нив С Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.

Ова попладнево го соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР) надоврзувајќи се на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во која претходно денеска тој потврди дека земјава е коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за Украина во која, главно, се користи помалку критичен јазик за руската инвазија, а Москва не се наведува како експлицитен агресор и извор на конфликтот.
Од Министерството посочуваат дека одлуките за поддршка на резолуциите во ОН се носени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, заложбата на земјава за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, но и стратегискиот интерес за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со партнерите.
„Во таа насока, особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион“, велат од МНР.
Оттаму додаваат дека како и во последните три години од војната, така и денес и во иднина, земјава ќе остане приврзана кон напорите на меѓународната заедница, особено на САД и ЕУ, за што побрз прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир во Украина, но и пошироко во регионот и светот.