„Дополнително, министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин ‘северномакедонци’ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница“, велат од ресорното министерство
Со сериозна загриженост ги нотираме објавените прелиминарни резултати од пописот одржан во Република Албанија, информира денеска Министерството за надворешни работи (МНР) во земјава.

Оттаму велат дека за техничките нерегуларности при реализација на пописот во Република Албанија укажувале тамошните македонски здруженија. За објавените прелиминарни резултати од пописот, како што велат од МНР, за жал, не ја отсликуваат реалната бројка на етнички Македонци во Албанија.
„Дополнително, министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин ‘северномакедонци’ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница“,
се вели во соопштението од МНР.
Амбасадорот на земјава во Албанија, Данчо Марковски, како што информираат од МНР, ќе биде повикан на итни консултации, со цел да се разгледаат можностите за соодветна корекција на направените пропусти и за изнаоѓање адекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.
Според МНР, очигледно е дека била запоставена соработката со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија од страна на претходната политичка гарнитура во државата.
„Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок“,
веелат од МНР.
Според податоците од спроведениот попис кои вчера ги објави албанскиот институтот за статистика ИНСТА, во Албанија живеат повеќе Бугари од Македонци. Имено, според пописот, во Албанија живеат 2 281 Македонец, а како Бугари се изјасниле 7 957 лица. Ова е првпат на попис во Албанија да се попишат лица од бугарска националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. На последното пребројување во 2011 година околу 5 500 луѓе во Албанија се декларирале за Македонци.
„Друштво Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија денеска порача дека ги отфрла прелиминарните пописни резултати во Албанија, како и дека ги смета за груб пописен фалсификат.
„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘“,
велат од друштвото.
„360 степени“ во октомври минатата година, откако медиумите јавуваа дека Бугарија создава малцинство во Албанија на сметка на Македонците, а бугарските медиуми, пак, дека Бугарите во Албанија бараат помош од Софија, беше на терен за изворно да ја регистрира атмосферата во Пустец, Албанија.