На лицето кое моментно било во нашата мисија во ОБСЕ во Виена, според известување од српското МНР, му е определен екстрадиционен притвор, по меѓународна потерница, за дело за кое се товари дека го сторил на негово приватно патување
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија вечерва потврди дека еден вработен во МНР, кој во моментов е упатен во нашата мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Србија на 27 август годинава.
„Министерството за надворешни работи на Република Србија официјално ја има известено Амбасадата на Северна Македонија во Белград. Според известувањето, надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор, по основа на меѓународна потерница, за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство“,
информираат од МНР.
Работниот однос на притворениот вработен, според МНР, ќе му биде во мирување сѐ додека случајот не биде разрешен.
Како што објави „МКД.мк“, минатата недела на граничниот премин „Прешево“, на пат од Виена кон Македонија, полициската служба на Србија го задржала македонскиот дипломатски службеник, кој од неодамна извршува дипломатска служба во македонската мисија на ОБСЕ во главниот град на Австрија. Тој потоа бил префрлен во Врање, каде што пред неколку дена пак, е приведен и македонскиот дипломатски службеник С.С., кој дошол да се интересира за својот колега. Информациите за „МКД.мк“ ги потврдиле повеќемина дипломати во македонското МНР, кои рекле дека станува збор за скандал во која е инволвирана и Ерменија, а Интерпол води истрага.