Министерството за надворешни работи (МНР) денеска преку соопштение се огласија за разговорите со Бугарија во кое посочуваат дека последниот разменет предлог помеѓу Скопје и Софија е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот.
„Како што известивме, министерот Бујар Османи оваа недела оствари комуникација со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, каде беше договорено претстојните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план. Низ текот на редовната комуникација меѓу двете страни има континуирана размена на мислења и на идеи, двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија“,
велат од МНР.
Целта е, додаваат, да се најде начин да се зајакне импементацијата на Договорот со што би се вратила довербата во него и во процесот на дијалог меѓу двете земји.
Во соопштението не се споменува анекс од 12 точки, за кој зборуваше бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој рече дека ако Северна Македонија го потпише има шанса да добие датум за преговори во јануари или февруари.
Од МНР и денеска го повторуваат тоа дека очекувано е специјалниот претставник назначен од владата, Владо Бучковски, периодов често да патува за Софија.
„Сакаме уште еднаш да потенцираме дека улогата на специјалниот претставник Бучковски е редовно да патува за Бугарија со цел следење на Акцискиот план и поттикнување на соработката на сите нивоа. Во оваа насока очекувано е во наредниот период да оствари чести патувања на релација Скопје – Софија“,
велат од МНР.
Бугарските медиуми денеска пишуваа дека Бучковски денеска треба да пристигне во Софија. Посетата ќе трае неколку дена и ќе има средби со бугарските политичари.
На темата со Бугарија, денеска повторно реагираше ВМРО-ДПМНЕ која ја праша Влада дали ќе одговори што содржи Анексот со 12 точки.
„Наместо да продолжат да лажат нека се изјаснат и нека кажат кои се барањата и условите од Анексот со 12 точки кои го кријат од македонската јавност. Владата мора веднаш да даде одговор на прашањата: Кога бил доставен нон-пејперот од Бугарија и зошто македонската јавност не е информирана за содржината на истиот? Дали 12-те точки се поразителни за македонскиот идентитет и јазик? Дали Бучковски следнава недела во Софија ќе дискутира за македонскиот јазик и историја? Зошто Зоран Заев веќе две години лаже дека немаме отворени прашања со соседите?“,
рече Стефан Андоновски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.