Реакцијата е во врска со последните случувања на конститутивните седници на советите на општина Штип и општина Аеродром вчера
Министерството за надворешни работи денеска изрази загриженост од постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори во врска со потпишувањето на свечената изјава согласно Законот за локалната самоуправа на која стои името Република Македонија, наместо уставното име Република Северна Македонија, и повикува на доследна примена на уставните и законските одредби за името на државата.
Реакцијата е во врска со последните случувања на конститутивните седници на советите на општина Штип и општина Аеродром вчера.
„Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот. Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија“,
се наведува во соопштението на МНР.
Министерството за надворешни работи повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија.
Истовремено, од МНР упатуваат апел до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности, бидејќи согласно член 3 од Законот за ратификација на Конечната спогодба „…сите други органи на државната управа во чиј делокруг спаѓаат прашањата опфатени со спогодбата се определуваат како надлежни органи што ќе се грижат за извршување на спогодбата…“
„Воедно, упатуваме апел и до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија, како што е наведено и во самата свечена изјава“,
се вели во соопштението од МНР.
Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Преспанскиот за нас е завршена работа. Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно без придавката, но ќе има простор каде што ќе може да покажат пркос, вели Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24, откако вчера во Советот на Општина Штип каде што советниците од ВМРО-ДПМНЕ потпишаа уверенија со името „Република Македонија“.
Освен во Штип, вчера Левица на својата фејсбук-страница објави дека и во Аеродром нејзините советници потпишале свечени изјави на кои стои името Република Македонија, наместо уставното име.