Од унгарската гранична полиција ја известиле Амбасадата на Северна Македонија дека вонредниот застој бил резултат на големиот број автобуси поради пролетните распусти на европските средношколци
Околу 200-те средношколци кои повеќе од 10 часа беа заглавени на граничниот премин „Хоргош“ за влез во Унгарија ја поминале на границата денеска околу 8 часот наутро, а биле заглавени бидејќи имало вонреден застој.
„Министерството за надворешни работи (МНР) веднаш по добивање на информацијата за застојот на наши граѓани на унгарскиот граничен премин, преку својата амбасада во Будимпешта, стапи во контакт со граничната полиција од каде доби потврда дека има вонреден застој на границата, што е резултат на големиот број автобуси поради пролетните распусти на европските средношколци. За многу кратко време по остварениот првичен разговор, околу осум часот наутро, од страна на граничната полиција беше добиено известување дека нашите ученици поминале низ граничниот премин“,
информира МНР.
Оттаму потсетуваат и дека дипломатско-конзуларните претставништва на земјава имаат и контакт точки за пријавување на какви било проблеми при патување во странство. Покрај телефоните на амбасадите достапни на веб-страницата на МНР, има и телефонски број за СМС (+38975273732), како и електронска адреса ([email protected]) на Министерството.
Македонските средношколци што заглавија на „Хоргош“ се од скопската гимназија „Орце Николов“. Вчера попладне со четири автобуси тргнале на екскурзија до Братислава и Прага, но откако за еден час ја минале границата за излез од Србија кај Суботица, тие од синоќа од 23 часот биле заглавени во меѓуграничниот простор меѓу Србија и Унгарија затоа што, како што реагирале родители до редакцијата на СДК.мк, унгарските власти без објаснување не ги пропуштале.
