За граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и во Катар, во моментот се проценува дека не постојат безбедни услови за извлекување

Повеќе од 400 македонски државјани до овој момент побарале информации во врска со можноста за евакуација од земјите на Блискиот Исток, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од вкупниот број пријавени граѓани, околу 30 лица веќе изразиле подготвеност веднаш да ја напуштат земјата во која се наоѓаат. Дипломатско-конзуларните претставништва се во постојан контакт со нив и ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на нивното извлекување. Од Министерството велат дека се во постојана комуникација со пријателските земји и меѓународните партнери со цел координирано и успешно спроведување на постапката.
„Со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата“,
велат од Министерството.
За граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и во Катар, во моментот се проценува дека не постојат безбедни услови за извлекување.
Од Министерството велат дека за македонските државјани во Израел веќе активно се разгледуваат и координираат алтернативи за нивно безбедно извлекување.
Сите граѓани на кои им е потребна помош можат да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва или на дежурниот телефонски број на Министерството.
„Ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“,
се наведува во соопштението на Министерството.
Од министерството велат дека за дополнителни информации и помош, на располагање се:
- СОС-дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
- Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
тел: +974 50 173 111
- Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
тел: +971 56 441 7532
- Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
тел: +972 54 500 8566
тел: +972 54 967 0546
