Во реакцијата на бугарското МНР, која е речиси идентична на онаа што ја објави шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, Министерството ја поздравува решеноста на АФЕТ да не биде вовлечен во, како што се наведува, шпекулативни националистички наративи поврзани со тврдењата за вековен македонски идентитет
Министерството за надворешни работи на Бугарија објави реакција во врска со усвоениот извештај за напредокот на земјава во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент.

Во реакцијата, која е речиси идентична на онаа што ја објави шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, МНР на Бугарија ја поздрави решеноста на АФЕТ да не биде вовлечен во, како што се наведува, шпекулативни националистички наративи поврзани со тврдењата за вековен македонски идентитет.
Се додава дека таквите наративи се спротивставуваат на европските вредности на инклузија и ги повредуваат чувствата и на Бугарите и на претставниците на другите заедници во С Македонија.
„Бугарија постојано изјавува дека нема забелешки на современите модерни перцепции за идентитетот на кој било поединец или заедница – тоа е прашање на личен избор. За жал, манипулативното толкување на овој став од страна на властите во Скопјe честопати служи како изговор за неисполнување на преземените обврски. Ова е една од причините за доцнењето во процесот на европска интеграција на РСМ“,
се наведува во реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението на Министерството се наведува дека грижите на Софија во врска со политиките на С Македонија се поврзани со две прашања:
„Гарантирање на правото на Бугарите во РСМ на самоопределување, без страв од прогон и дискриминација и спречување провокации против милиони бугарски граѓани – граѓани на Европската Унија – од кои многумина се потомци на Бугари од географскиот регион Македонија.“
На крајот на реакцијата на бугарското МНР се наведува дека Бугарија останува посветена на сите елементи од Европскиот консензус од 2022 година, чија имплементација, како што наведуваат оттаму, е единствена можност за европска интеграција на земјава.