Оттаму посочуваат дека е можно да се искористи само дел од предвидениот износ, зависно од конечниот број на пријавени и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе издвои 60 милиони денари (речиси еден милион евра) за евакуација на македонски државјани од земјите погодени од конфликтот на Блискиот Исток. Со одлука на Владата, веќе е отпочната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови за нивна евакуација.

„Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации“,
наведуваат од Министерството.
Од МНР посочуваат дека е можно да се искористи само дел од предвидениот износ од 60 милиони денари, зависно од конечниот број на пријавени граѓани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат.
Претходно денеска од Министерството информираа дека заклучно со денеска, вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од повеќе земји од регионот на Блискиот Исток.
