Во реакцијата од МНР се вели дека се очекува официјална Софија да упати соодветно извинување во насока на зачувување на достоинствеена и принципиелна билатерална комуникација
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) денеска го повика на разговор бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков за да му врачи официјален протест како реакција на изјавите на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георгиев денеска при телевизиско гостување во бугарската телевизија БТВ рече дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за С Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече, „северномакедонскиот“ премиер.
„На амбасадорот на Република Бугарија во земјава му е пренесен официјалниот протест и му е укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада“,
се вели во реакцијата на МНР на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.
Од МНР ги осудуваат навредливите изјави упатени кон премиерот на државата од страна на министерот за надворени работи на Бугарија дадени во денешното гостување во утринската програма на бугарската телевизија БТВ.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“,
пишува во реакцијата од МНР.
Оттаму очекуваат официјална Софија да упати соодветно извинување во насока на зачувување на достоинствеена и принципиелна билатерална комуникација.
Шефот на бугарската дипломатија во гостување во утринската програма на БТВ денеска оцени дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски спроведува „кризен пи-ар“, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
Според него, властите во С Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но, како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција.
„Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција и што ги оддалечува од неа“,
рече тој.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ја коментира изјавата на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, кого, пак, го нарече момче.
Во одговор на друго прашање на истата тема, за тоа дали ќе има реакција од Владата затоа што Георгиев го нарече „северномакедонски премиер“, Мицкоски рече дека „тоа момче“ е пратено за да привлече внимание од влада која во заднина ја раководи некој друг.