Реагираше и бугарското МНР, тие сметаат дека ваквите провокации се косат со сите основни европски принципи и правила на политичко однесување и дека се спротивни на декларираната желба на Република Северна Македонија да ги споделува европските вредности и да стане дел од европско семејство
Министерството за надворешни работи (МНР) реагираше со осуда кон говорот на омраза кон соседните земји порачувајќи дека ова се изолирани случаи и оти Северна Македонија се залага за добрососедските односи.
Во соопштението од МНР не се наведува конкретно за кој говор и чии изјави се мисли, но реакцијата е во исто време со осудата која пристигна од официјална Софија за едно од обраќањата на јавен настан организиран од Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија го осудува секој говор на омраза, без исклучок, посебно кога неодговорните и непромислени изјави, пораки и квалификации се упатуваат на блиски и соседни држави. Северна Македонија се залага за интензивирање и продлабочување на добрососедските односи, и се надева дека вакви изолирани и крајно несоодветни изјави нема да наидат на какво било разбирање кај нашите граѓани“,
пишува во реакцијата на МНР.
Бугарското МНР, пак, во своето соопштение директно ја посочува изјавата на Драган Ѓуровски потенцирајќи дека се даваат навредливи, лажни и вулгарни квалификации за Бугарија и нејзиниот народ.
„Ваквите провокации се косат со сите основни европски принципи и правила на политичко однесување. Тие се симбол на стереотипите наследени од минатото и се спротивни на декларираната желба на Република Северна Македонија да ги споделува европските вредности и да се приклучи на заедничкото европско семејство. Бугарија секогаш демонстрирала конзистентност и конструктивност во односите со соседите. И покрај сите наши манифестации на добрососедство, нашата земја продолжува да биде предмет на говор на омраза во политичката дебата во Република Северна Македонија, што е неприфатливо во современиот демократски свет“,
се вели во реакцијата на бугарското МНР.
Оттаму додаваат дека се загрижени бидејќи вакви провокации се случуваат во период кога Скопје и Софија бараат начин за конструктивен дијалог и изнаоѓање решение. Тие изразуваат очекување македонското МНР да се огради од ваквите изјави.
„Провокациите дефинитивно не помагаат во зајакнувањето на добрососедските односи и го отежнуваат враќањето на довербата и напредокот во билатералниот дијалог, што е од директен интерес на луѓето од двете страни на границата“,
укажуваат од бугарското МНР.
За време на виртуелната дискусија за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, организирана од „Пан Европа Бугарија“ во партнерство со фондацијата „Конрад Аденауер“, Дипломатскиот институт и Европската комисија во Бугарија и шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев ја нагласи својата разочараност и директно ја посочи изјавата на Ѓуровски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не може некој да сака да стане дел од семејството а во јавноста да користи вакви вулгарни изјави. И најлошото е што тие се во младинско движење“,
истакна Стоев.
Видеото од говорот на Ѓуровски кој предизвика реакции од нашето МНР и од бугарските власти, е објавенo и на официјалниот профил на УМС на ВМРО-ДПМНЕ на 27 јуни 2021. Во својот говор, активистот на УМС зборува и за Грција и за Бугарија, како и против македонската влада. Конкретно за Бугарите, тој ги нарекува „татарски фашисти“, по што иронично се извинува и ги нарекува „администратори“.
„Нема простор за преговори на кого припаѓаат Филип и Александар. Не смее да се преговара за тоа чија е Македонија. Таа е на Македонците. Од исток, пак, во никој случај не смее да се преговара за тоа чиј е Гоце Делчев, кому припаѓаат Илинденците и каков јазик говориме ние. Зарем забораваат Букурешт и 1913 година, кога си ги проширија своите граници на сметка на Македонија, кога удрија по македонското население со денационализации, асимилации и протерувања? Како може да се укинува историјата како предмет? Историја треба да се учи од прво одделение, а не да се укинува. Но, тоа им се виде најдесно, да ја изменуваат по желба на театарските фашисти … Извинете, длабоко ви се извинувам. Администратори. Многу работа ќе ѝ се отвореше. Вака си ги скратија маките, но воедно плукнаа по телото на револуционерите, најхрабрите и на неправедно жигосаните. Плукнаа по непокорот на македонскиот народ и по крвопролевањето во Ваташа, за момчињата, дванесетмината. Плукнаа по маките кои Македонците ги трпеа од бугарската гнасна рака. Толку гласна што без тронка емоции удираше камшик врз Македонците“,
вели Ѓуровски во говорот.