Пред објавувањето вакви чувствителни информации, нивна првична проверка со Министерството ќе придонесе за поквалитетно информирање на граѓаните, но ќе значи и придонес во насока на поддршка на обидите за надминување на отворените прашања со Бугарија, велат од МНР
Министерството за надворешни работи (МНР) ги демантира информациите дека ќе има нов договор, анекс или каков било дополнителен текст на веќе постојниот договор за пријателство со Република Бугарија.
„Министерството за надворешни работи ги отфрла ваквите шпекулации како неточни и контрапродуктивни на напорите на двете земји за надминување на меѓусебните разлики. Односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија продолжуваат да се развиваат согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во тие рамки, се преземаат сите потребни активности и ангажмани кои се во согласност со овој Договор, а кои пред сѐ имаат за цел продлабочување и интензивирање на билатералната соработка. Во тој контекст е и најновата иницијатива за организирање на претстојна средба на ниво на шефови на Влада, како прв чекор за унапредување на соработката меѓу двете нови влади, внесување на нова динамика во проектите и активностите, а што е од интерес како за двете држави така и за перспективата и безбедноста на Регионот и на Европа“,
се вели во соопштението од МНР.