Ваквиот пристап од Бугарија, според македонското Министерство за надворешни работи, не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави
По изјавите на премиерот и реакцијата од официјална Софија, денеска во врска со Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците преку писмено соопштение се огласи и македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија. Оттаму велат дека Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на пристапот базиран на заслуги (мерит-систем) кон проширувањето и во таа насока, наведуваат дека предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на на правата на припадниците на заедниците е изработен на македонски и на англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Советот на Европа и со Европската комисија (ЕК).

Документот, како што велат од Министерството, содржи јасно дефиринирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
Процесот на неговата изработка, се наведува, се одвивал во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, а финалната доработка била интензивирана во последните шест месеци од минатата, 2025 година.
„Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди“,
се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Реакциите од официјална Софија, од Министерството ги оценуваат како загрижувачки бидејќи, како што наведуваат оттаму, наместо Акцискиот план да биде поздравен како конструктивен чекор, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија.
Ваквиот пристап од Бугарија, според македонското Министерство за надворешни работи, не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави.
„Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“,
се додава во соопштението од Министерството.
На крај, оттаму потенцираат дека Република Северна Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и оти така ќе продолжи и во иднина, со цврста посветеност на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите граѓани на земјава.
Претходно, и официјална Софија изрази загриженост поради, како што наведоа во соопштението од бугарското Министерството за надворешни работи, последните измислени тези од властите во Скопје, што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензус од 2022 година“.
Реакцијата на бугарското МНР дојде по изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дадени викендот, во кои тој наведе дека Акцискиот план бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но оти Софија го одбила, покажувајќи на тој начин дека проблемите што Бугарија ги има со нашата земја се подлабоки и немаат врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија (ЕУ).
Според Мицкоски, Бугарија е единствената земја членка на ЕУ што има забелешки на документот, а тие, како што кажа вчера, се однесуваат на тоа што Планот е напишан на македонски јазик.
Во соопштението, од бугарското МНР, пак, наведоа дека прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на малцинствата и заедниците што се очекува од Скопје е внатрешно прашање на С Македонија и оти тоа не е тема на билатералните односи. Бугарското МНР, во соопштението никаде не споменува македонски јазик, туку оттаму велат оти е логично дека на граѓаните на земјава документот треба да им биде претставен на „достапен јазик“ за нив. Во тој контекст, оттаму додаваат дека тешко се објаснува „изборот на Скопје нацрт-планот да им го претстави на своите граѓани на англиски јазик“.

Претставникот на бугарската организација „Балкански мост“ од Велес за БГНЕС изјави дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјава е само првиот чекор од европскиот компромис од 2022 година, кој сам по себе не обезбедува нивна заштита. Тоа, според него, треба да го постигне Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците, во кој, како што вели, Скопје мора да ги истакне проблемите, мерките, финансирањето, контролните механизми и индикаторите за успех.
Јошевски наведува дека нацртот на Акцискиот план го добиле на англиски јазик и им биле дадени четири дена да се запознаат со него. Според него, постои загриженост за јазични грешки во преводот.
Инаку, Мицкоски во саботата изјави дека Акцискиот план за правата на малцинствата е изготвен, но оти наишол на забелешки, односно не бил прифатен од Бугарија. Вчера, одговарајќи на новинарски прашања, даде поопширно објаснување на оваа тема наведувајќи дека главната забелешка на Софија била што документот бил напишан на македонски јазик.
