Во автобуската несреќа што се случи утрово на патот Блаце- Белољин во Република Србија, кога автобус со македонски регистарски таблички се превртел, повредени се 26 лица, од кои едно е потешко повредено. Осумнаесетмина се згрижени во болницата во Блаце, додека 8 се згрижени во болницата во Прокупље, соопшти МНР .
Според првични информации од лекарите, сите повредени се надвор од животна опасност. Засега се сите контактибилни, но за секој случај во болницата во Прокупље се врши и компјутерска томографија за да се утврди прецизно состојбата на повредените.
Според неофицијална информација од Болницата во Блаце, Србија, патниците биле претежно од Радовиш.
Македонската амбасада во Белград е во постојана комуникација со надлежните органи. Од спрската полиција во Блаце информираат дека сѐ уште се врши увид на местото на несреќата и засега не можат да дадат подетални информации. На терен е и надлежен јавен обвинител.
Повредените оделе на Копаоник на еднодневна екскурзија.