Според делумните неофицијални резултати базирани на мнозинство преброени гласачки ливчиња против законот гласале 53,07 проценти од граѓаните на Словенија со право на глас, што излегле на вчерашниот референдум, додека 46,93 отсто го поддржале законот
Граѓаните на Словенија на референдумот што се одржа вчера во земјата го отфрлија законот за асистирана еутаназија на лица што се наоѓаат во терминална фаза од некоја болест, што словенечкиот парламент го донесе во јули оваа година, јавуваат регионалните медиуми.

Според делумните неофицијални резултати базирани на мнозинство преброени гласачки ливчиња против законот гласале 53,07 проценти од граѓаните на Словенија со право на глас, додека 46,93 отсто го поддржале законот.
Законот, според словенечкото законодавство, се смета за отфрлен ако мнозинството гласачи гласаат против него, под услов најмалку една петтина од сите избирачи со право на глас да се изјаснат против него на референдум.
Според првичните бројки за излезеноста на гласачите, најмалку 339 205 гласачи мораа да гласаат против, додека според делумните неофицијални резултати од гласањето, по преброени 95 проценти од гласачките ливчиња, 346 815 гласачи гласале против.
Првичните неофицијални бројки велат дека на вчерашниот референдум излегле 40,31 отсто од граѓаните со право на глас.
На референдумот, Словенците одлучуваа за Законот за асистирано доброволно завршување на животот, кој би им дал на терминално болни пациенти, чие страдање или медицинска состојба е неподнослива, право да го завршат својот живот, со исклучок на случаи на ментални заболувања.
Официјалниот резултат од референдумот ќе биде потврден по 4 декември, кога ќе биде познат конечниот број на гласачи и дали е постигнат кворум за отфрлање на законот, објавија словенечките медиуми минатата недела.
Меѓу европските земји, покрај Швајцарија и Австрија кои дозволуваат асистирана еутаназија, Холандија, Белгија и Луксембург дозволуваат еутаназија, а француските пратеници ја одобрија можноста за право на асистирана еутаназија во прво читање на законот кон крајот на мај, годинава.
