Глобалниот банкарски сектор ќе остане под притисок до 2025 година, дури и кога глобалната економија ќе почне да се опоравува од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, објави денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во новиот „Извештај за глобалната финансиска стабилност“, ММФ проценува дека банките во деветте најразвиени економии ќе се борат за генерирање профит во наредните пет години, затоа што пандемијата ќе влијае на пролонгирање на периодот на ниски каматни стапки, пренесува Си-ен-би-си.
Фондот верува дека економскиот пад поради ковид-19 ќе ја стави на тест отпорноста на банките, бидејќи тие се соочуваат со загуби од кредити и пониски маржи поради ниските каматни стапки.
„Основните притисоци врз профитабилноста веројатно ќе продолжат на среден и долг рок дури и кога глобалната економија ќе почне да се опоравува од сегашниот шок“,
се вели во извештајот.
Банката JPMorgan Chase забележа пад на профитот од 69 проценти во првиот квартал во однос на претходната година.
Банкарскиот индекс KBW, што ги следи цените на акциите на околу 20 банки во САД падна за 39 проценти од почетокот на годината.
Меѓутоа, ММФ во извештајот истакнува дека банките се подобро подготвени за овој економски шок благодарение на заштитните слоеви на капиталот воспоставени по финансиската криза во 2008 година.
Едно од решенијата за надминување на проблемот со профитабилноста, креаторите на монетарната политика го гледаат во фактот – банките да престанат да исплаќаат дивиденди и да ги купуваат своите акции за да заштедат капитал.