Ние овде не гледаме револуционерност, бунтовност или неприфаќање на нормите и стандардите во позитивна смисла, во смисла на менување на овој коруптивен систем, туку, за жал, младите наоѓаат свој начин, во негативна смисла, итарпејовски начин или ‘шорт-кат’ патека да дојдат до она што го посакуваат – вели универзитетскиот професор по психологија Огнен Спасовски коментарјќи ги наодите од истражувањето на јавното мислење на тема „ситна корупција“
Во претпоставена ситуација на направен сообраќаен прекршок, младите на возраст од 18 до 34 години се најмалобројната старосна категорија – 27,8 %, што би ја прифатиле грешката и би ја платиле глобата. За разлика од нив, десет процентни поени повеќе или 37,8 отсто од граѓаните над 55 години би го признале прекршокот и би платиле.
Ова е еден аспект од наодите на истражувањето за ситната корупција во Северна Македонија, што за потребите на „360 степени“ ја направи „Тим инситут“. Анкетата е реализирана од 31 март до 5 април годинава, телефонски, на национален репрезентативен примерок од 823 полнолетни инспитаници, при што грешката е +-3,4 процентни поени.

Ако се направи дополнително разложување на возрасните категории од истражувањето, разликата во одговорот меѓу најмладите испитаници (18-24 години) и највозрасните (над 65 години) уште повеќе се зголемува, што е видливо на графиконот подолу.

Професорот Огнен Спасовски од Институтот по психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје вели дека резултатите од анкетата покажуваат дека младите, за жал, „успеале“ да најдат начин како да се адаптираат на времето во кое живеат.
„За возрасните може да очекуваме дека како старееме, така стануваме поконзервативни – во позитивна смисла на зборот, и се трудиме да владее ред. За младите е потипична револуционерност, бунтовност итн. Меѓутоа, ние овде не гледаме револуционерност, бунтовност или неприфаќање на нормите и стандардите во позитивна смисла, во смисла на менување на овој коруптивен систем, туку, за жал, наоѓаат свој начин, во негативна смисла, интарпејовски начин или ‘шорт-кат’ патека да дојдат до она што го посакуваат“,
вели тој, гостувајќи во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“.

Тој нотира дека важен фактор кај најмладите, родените по 2000 година, е тоа што кога станале свесни, влегле во светот на интернетот и социјалните медиуми.
„Изложеноста на социјалните медиуми во комбинција со презаштитувањето од страна на родителите коишто ги учат децата дека се центарот на светот и кај нив подигнуваат високи очекувања, а тие деца, кои веќе не се деца, научуваат дека до сè лесно се доаѓа – соочени со реални проблеми, полиција или друго, прибегнуваат кон брзо и лесно решение, а тоа е – повикај пријател или снајди се на некој начин. Ние сме плодно тло итарпејовски да доаѓаме до такви решенија“,
вели професорот Спасовски.
Професорот појаснува дека кај сите луѓе природно постои тенденција на измама или склоност кон полесен начин да се дојде до ресурсите што им се потребни, меѓутоа, она што ги разликува цивилизираните или на повисоко ниво културните општества е што успеваат да изградат системи и норми на однесување во коишто повеќе од населението научува дека тоа не е во ред, научува да се однесуваат согласно некои норми на општо добро, што, како што оценува Спасовски, кај нас не е баш така.

Инаку, ситната корупција во истражувањето е дефинирана како корупција кај јавни службеници на пониско ниво, наставници, здравствени работници, судски службеници, полиција, службеници задолжени за издавање на документи како лични карти, пасоши, дозволи и слично. Професорот Спасовски смета дека ситната корупција е пат кон негување и прифаќање на крупната корупција.
*Поврзани вести:
Причини за коруптивните тенденции кај младите: Егоцентризам без контролни механизми