За време на викендите, во невладината организација „Крик“ во Скопје, се собира група на млади лица за да се обучува за професија за која ретко се слуша кај нас- младински работник. Откако ќе го заокружат процесот на образование нивна задача ќе биде да им помагаат на своите врсници, особено на оние со пречки во развојот.

Обуката има двојна функција. Им помага и на младинските работници и на оние кои имаат потреба од помош, подлабоко да се вклучат во општеството.

„Станува збор за неформално образование, неформални методи на работа, каде што луѓето учат се градат себеси, на личен и социјален развој, па има и други различни програми на Европско ниво, каде што има простор да се отиде и во различни градови, да се видат други практики од таму и да научат нешто друго, така да дефинитивно го дополнува она што секојдневно се случува и дава, да речеме некоја нова перспектива на животот“, вели Мила Карадафова од Центарот за младински активизам „Крик“.
Младинскиот работник не е формална професија во земјава. Но, придонесува за лична надградба на младите луѓе.
„Оваа работа треба да биде многу пораспространета отколку што е сега, бидејќи е многу значајна и има за цел, пред се, младите да се развијат како личности. Сепак во младите е иднината, така да се надевам дека ќе има некој мал, правиме мал чекор за да направиме нешто поголемо за младите во Македонија.“
смета волонтерот Елена Божиновска.
Белтина Ѓелоши од Италија, веќе 5 месеци работи како волонтер во „Крик“. Набрзо ќе ја напушти земјава, но вели дека е импресионирана од големата волја на младите за промена на подобро.

„Младите во Скопје се многу позрели од оние што досега ги имам видено. Од една страна тоа е добро – работаат повеќе, имаат високи интелектуални способности. Но, од друга страна, кога си свесен што сакаш и што ти треба,во споредба со она што се нуди и случува, а тоа не ти се допаѓа, тогаш се јавува желбата за барање подобар живот на друго место. Затоа и државата треба да се потруди да го понуди она што им е потребно на младите“, вели Белтина.
Во Тетово, друга група на млади луѓе работи во слична насока. Нивната цел е да пронајдат млади до 29 години кои припаѓаат во групата „NEET“. Тоа значи дека бараат луѓе кои не се дел од образовниот систем, не се вработени во моментот и не посетуваат никаков тренинг.

Се обидуваат да ги мотивираат тие лица и да им помогнат во процесот на наоѓање работа. Како дел од европскиот проект „Гаранција за млади“, ваквата иницијатива во Полошко, се имплементира прв пат.
„Бидејќи имаме слаб одзив на млади лица, сакаме да се информираме дали навистина ги нема тие млади во овој регион или едноставно е тешко да ги најдеме, па разговараме со населението кои ги информираме. Се што треба да направат е да се јават на теренските работници, кои подоцна ќе ги информираат за целиот процес и ќе ги водат до нивното запишување како и пратењето на целиот процес до нивно конечно вработување.“
вели Владимир Ѓорѓевски, локален координатор на проектот во Полошкиот регион.
Во целата земја постојат повеќе вакви формални и неформални групи кои се обидуваат да ги ангажираат младите во границите на земјата. Минатата недела во Скопје беа доделени и награди на поединците и групите кои биле најкреативни во пренесувањето на пораките до младите.

Меѓу нив се организацииите „МЕЛЕЕМ“, коja се грижи за напуштените објекти и простории во Скопје, здружението за дислексија „Ајнштајн“ како и здружението на граѓани „Младите можат“, за својот придонес во младинскиот активизам. Наградени беа и личности. Блаже Јосифовски за редистрибуцијата на вишокот храна, балерината Тијана Спасовска која работела со деца со Даунов синдром и извидникот Виктор Гилев кој 10 години работи со деца на возраст од 7 до 14 години.
Над 20 групи формално ги поврзува Националниот младински совет на Македонија, претставничко тело кое им дава поддршка за сите активности. Формирана во 2013 година, организацијата е задолжена за застапувањето на младите, во држава во која како што велат, главна пречка е политичкото влијание и несовременото формално образование.
„Програмите кои во моментов се застапени во формалното образование се и те како застарени и не ги охрабруваат младите да зачекорат во неформално образование, да се активираат малку повеќе, да иницираат идеи, не ги учат младите како да размислуваат – кои се нивните права и обврски и како да бидат граѓани.“
потенцира Гордана Колова од Националниот младински совет на Македонија
Но, речиси без исклучок, програмите преку кои младите ги убедуваат своите врсници да бараат иднина во земјата а не надвор од неа, се спонзорирани од странски донатори. По долгогодишна стагнација, најдоброто што го покажува државата во моментов е почетокот на процесот за креирање закон за младинско учество и младински политики.
„Во моментов трае процес на консултации, во соработка и со институциите. Сметаме дека овој закон, доколку нели се донесе, ќе им гарантира на младите механизми, да можат институционално да учествуваат во процесот на донесување одлуки.“
вели Колова
Со или без државна поддршка голем дел од младите од „Крик“ и од групата од Тетово се чини дека иднината веќе ја гледаат во својата земја. Нивниот активизам секако придонесува и други млади луѓе да се обидат самите да го сменат општеството во кое живеат наместо да одат во странство.
Но, до колку млади може да допре нивната порака и да ги предомисли, ако и државата набрзо не го помогне активизмот на овие млади луѓе?