Шефот на дипломатијата посочи дека на почетокот не било предвидено „МКарта“ да има одредени привилегии туку едноставно само да биде доказ дека овие лица се дел од нашата мрежа на успешни луѓе од дијаспората кои ќе бидат вклучени во нашиот развој
Привилегиите што одат со „МКарта“ – картата за идентификација со која од понеделникот успешни луѓе од дијаспората можат да ги поминуваат контролните шалтери на граничните премини на скопскиот и охридскиот аеродром на „брза лента“ – се повеќе симболичен гест што треба да покаже благодарност и почит кон овие луѓе кои решиле дојдат и да ѝ помогнат на земјава.
Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања на брифингот на кој ги претстави темите на кои ќе се фокусира претседавањето на С Македонија со ОБСЕ.

Инаку, промотор и реализатор на проектот со „МКарта“ е шефот на дипломатијата. Меѓу носителите на „МКарта“ има научници, лекари, бизнисмени, културни работници итн.
„Како министер ја покривам и дијаспората и еден од проектите што ги почнав е како нашите најдобри во дијаспората, а во текот на моите патувања идентификував исклучителни луѓе во различни сектори кои може да се стават во функција на нашиот развој. Тогаш се обидов да направам мрежа на нашите најдобри. Сакав да направам мрежа од тие луѓе што ќе ги имаме постојано во контакт, ќе се состануваме еднаш годишно на конференции и семинари, ќе ги донесеме и овде, во текот на годините ќе ги вклучиме во работните групи низ државата. Процесот на идентификација почна преку нашите амбасади. Нашите амбасади ги идентификуваа и ги предлагаа до Министерството. Им дадовме еден вид карта за идентификација“,
образложи Османи одговарајќи на новинарско прашање: „Кои се критериумите според кои ќе се избираат носителите на ‘МКарта’?“
Шефот на дипломатијата посочи дека на почетокот не било предвидено „МКарта“ да има одредени привилегии туку едноставно само да биде доказ дека овие лица се дел од нашата мрежа на успешни луѓе од дијаспората кои ќе бидат вклучени во нашиот развој.
„Луѓето прифатија да бидат носители на `МКарта` без никакви привилегии. Тогаш јас проценив дека како оддолжување кон нив може да се прават одредени симболични мерки, повеќе како почит кон нив отколку како нешто што суштински им значи. На пример, им обезбедивме тие што се носители на `МКарта` кога ќе доаѓаат во државата да влегуваат во музеи бесплатно. Зарем мислите дека на нив им значи дали ќе платат 50 денари или не? Но симболиката, честа што сакаме да им ја покажеме што ги оставаат своите ангажмани таму. Тогаш во тој пакет реков да се искористат и така постоечките брзи ленти за носители на дипломатски пасоши. И тоа ништо не им значи ним. Шеесет и девет луѓе кога ќе дојдат на скопскиот аеродром, еднаш годишно, тоа нема да има никакви влијанија. Но, повеќе е симболиката и почитта кон нив“,
рече Османи.
Тој додаде оти е задоволен што трпи критики на оваа тема и сака веста да стигне до дијаспората на, како што рече, негова сметка бидејќи тоа покажува дека тие успешни луѓе таму не се заборавени од својата земја, дека „ни се важни и ги бараме да се вклучат затоа што со своето знаење и искуство можат многу да помогнат на државата“.
„Би сакале и да можеме да ги платиме за нивниот ангажман, меѓутоа ги немаме таквите можности и тоа што можеме е малку почит, симболика, внимание“,
рече Османи.
Проектот „МКарта“ шефот на дипломатијата го промовира во мај 2021 година. Османи тогаш рече дека проектот ќе ги вмрежува успешните луѓе од дијаспората, кои ќе бидат вклучени во креирањето политики и носењето одлуки за развој на општеството, а ќе добијат поддршка и од домашните институции за да почнат свои бизниси овде. Идејата е во оваа платформа да се вклучат успешни бизнисмени, научници, лекари, информатичари, спортисти…
Османи тогаш, меѓу другото, истакна дека цел на проектот е да се спречи и одливот на мозоци од државата.