Мизрахи вели дека она што неа ја загрижува и што може да утврди таа е целосна суспензија на контролните механизми кои што биле поврзани со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија

Над 70 сведоци, кои се поранешни и сегашни функционери и раководители на различни степени во самите институции ќе бидат повикани пред Анкетната комисија за работата на Клиниката за онкологија. Бројот на сведоци предложени од политичките партии ги соопшти претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„ВМРО-ДПМНЕ веќе достави листа на луѓе кои што сакаме да дојдат и да разговараат со Анкетната комисија и да ги дадат своите изјави. Тоа е листа од 44 поранешни и сегашни функционери и раководители на различни степени во самите институции, кои што ќе треба да посведочат. Социјалдемократскиот сојуз даде листа од 27 сведоци, Левица чинам дека предложи еден сведок. А, исто така ВМРО-ДПМНЕ побара документација 44 различни архивирани документации кои што се однесуваат на различни институции и од нив ќе утврдиме што се случувало“,
рече Мизрахи.
Таа најави дека Комисијата утре ќе продолжи со работа, а свикувањето сведоци е пропишано дека може да трае околу 30 дена, но, доколу има потреба Мизрахи рече дека тоа може и да се пролонгира.
„После тоа очекувам уште 30 дена да има детално разгледување и дискутирање по документацијата која очекувам да биде доста обемна“,
рече таа.
Наодите, вели таа, во форма на заклучоци се предаваат до претседателот на Собранието и тоа понатаму ги процесуира.
„Тие заклучоци нема да бидат само обвиненија тие ќе бидат и заклучоци како што вели деловникот да утврдиме дали има и каква е политичката одговорност, но ние не сме истражен орган или парасуд. Ја имаме моќта да ги поканиме сите оние кои сметаме дека се релевантни за да го создадеме форматот на вистината и да ги видиме сите документи“,
рече Мизрахи.
Вчера Анкетната комисија почна со повикување на сведоци, а први беа екс министерот за здравство, Беким Сали и актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Беким Сали ја даде изјавата во врска со периодот на неговото престојување како министер за здравство, тоа се 11 месеци. И баш за тој период, 2021 година за кој што се однесува Извештајот на ДЗР, тој кажа дека не ги имал информациите и дека истите не биле во целост достапни за него за тој да може да покрене одредена иницијатива на истрага“,
рече Мизрахи.
Мизрахи додаде дека екс министерот за здравство, Беким Сали потенцирал дека има многу оскудни информации за КАТО системот и останатите системи кои што би требало да бидат контролни механизми на работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
„Она што повеќе ме загрижи мене од изјавата од него беше поврзано и баш со Извештајот на ДЗР каде што тој видел односно се забележало абнормалности во однос на финансиските извештаи на самата клиника и баш заради тоа го викнал директорот и разговарал со него за да види како можат да се надминат тие ситуации. Барал и вонредна расправа односно вонредна инспекција од страна на Фондот за здравствено осигурување меѓутоа тука и му завршил мандатот“,
рече Мизрахи.
Мизрахи вели дека Извештајот на ДЗР е доста детален и првата работа што се забележува е дека немало никаков одговор од самата Клиника за онкологија.
Таа додаде дека она што неа ја загрижува и што може да утврди таа е целосна суспензија на контролните механизми кои што биле поврзани со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Мизрахи вели дека во неформален разговор со поранешниот министер за здравство Венко Филипче добила потврда дека и тој ќе дојде и ќе учествува во расправата.
„Не верувам дека некој ќе проба да ја опструира работата на анкетната комисија. Сметам дека сите кои ќе бидат повикани ќе дојдат и ќе ги изложат информации со кои тие располагале“,
додаде таа.
Ексминистерот за здравство Беким Сали на сослушувањето на вчерашната седница на Анкетната комисија за работата на Клиниката за онкологија во неговиот мандат пред пратениците во Собранието истакна дека побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на Клиниката кој бил побаран од него.
На сослушувањето на Анкетната комисија посочил дека побарал вонредни контроли на сите клиники, односно на сите здравствени установи. Според него, во здравствениот систем има хронични проблеми, но никоја од надлежните институции не се обидувале да ги решат.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево пред собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија изјави дека МВР од 2012 година повеќепати ја има следено работата на оваа Клиника бидејќи постоеле индиции за злоупотреби.
Во однос на ангажманот што го има МВР по последната постапка која е отворена, Спасовски рече дека се преземени низа активности насочени кон обезбедување на доказен материјал и дека во текот на овој период се вршат два вида вештачења – едното вештачење е на електронските уреди и второто на медицинската документација, каде што имаат одземено над 50 здравствени картони на пациенти од Клиниката.