Од кабинетот на грчкиот премиер соопштиле дека неформалната вечера е за проширувањето на Унијата и европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ – Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, а поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис в понеделник во Атина ќе биде домаќин на неформална вечера за лидерите на Западен Балкан и на земјите членки на ЕУ од регионот. На средбата, како што јави МИА, ќе присуствува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштиле дека неформалната вечера е за проширувањето на Унијата и европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ – Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, а поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
На неформалната вечера за проширувањето на Унијата, според информациите на МИА, ќе присуствуваат премиерите на Северна Македонија и на Косово, претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ, односно премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија, додека, пак, Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник.
За Атина, 20-годишнината од Самитот во Солун и поканата на грчкиот премиер до лидерите од регионот е можност да се истакне дека Грција е на страната на Западен Балкан и како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот и посакува европска интеграција на регионот, за која постојат и пред услови.