Грчкиот премиер порача дека властите ќе продолжат да ја следат состојбата на Санторини и изрази надеж дека зголемената сеизмичка активност брзо ќе запре
Ja следиме зголемената сеизмичка активност на островот Санторини, изјави денеска грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој е во посета на островот каде што неколку дена по ред има серија земјотреси.

Фото: EPA-EFE/ORESTIS PANAGIOTOU
Мицотакис ја повика јавноста да остане смирена и да ги следи насоките на службата за цивилна заштита.
„Сакам ги уверам жителите на Санторини, како и на сите соседни острови кои во моментов поминуваат тежок период, дека државниот механизам е на нивна страна. Очигледно е многу подобро да се подготвуваме и да превенираме отколку отпосле да брзаме со справување со последиците“,
изјави грчкиот премиер за време на посетата на Санторини.
Порача дека властите ќе продолжат да ја следат состојбата на Санторини и изрази надеж дека зголемената сеизмичка активност брзо ќе запре, за островот целосно да се врати во нормала.
По неколкудневните последователни потреси, на грчкиот остров Санторини вчера беше прогласена вонредна состојба. Одлуката е по насока на генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Василис Папагеоргиу, и ќе биде во сила до 3 март. Повеќе од 11 000 жители веќе го напуштија Санторини.