Во однос на барањата на СДСМ за оставка од Тошковски по трагичниот настан во Карпош, премиерот рече дека не би ја коментирал опозицијата бидејќи, како што рече, секојдневно бара оставки од функционерите во власта без разлика на аргументите
По трагичниот настан во Карпош, во кој животот го загубија жена и нејзината шестгодишна ќерка по пад од балкон, премиерот Христијан Мицкоски апелира жртвите на семејно насилство да ги пријавуваат насилниците и, најважно, како што рече, да не ги повлекуваат пријавите за институциите да можат да постапат соодветно.

„Верувајте ми дека ако се повлече пријавата – институциите, центрите за социјална работа и МВР не можат ништо да направат. Затоа е многу важно секој оној којшто е жртва на семејно насилство тоа да го пријави и да остане на пријавата за да можат институциите да постапуваат. Затоа ги замолувам сите нив уште еднаш да не се повлекуваат понатаму во процесот, туку да останат доследни до крај“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Штип.
Тој ова го кажа на прашањето дали Владата планира да преземе нешто по настанот во Карпош, но и по сите случаи на семејно насилство. Во оваа смисла, тој повтори дека е доволно жртвите да не ги повлекуваат пријавите против насилниците, а другото, како што рече, институциите ќе си го истераат докрај.
„Навистина трагедија, жалам што тоа се случувало во минатото, што се случува и, претпоставувам, ќе имаме вакви настани и во иднина, но тој број треба да го намалиме. Ние како држава и како влада ќе застанеме целосно во функција на жртвите на ваков тип на девијантно однесување. Ги молам жртвите да не се повлекуваат кога ќе пријават, а сè останато институциите ќе си го истераат до крај“,
рече тој.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред два дена на прес-конференција рече дека сите пријави кои починатата жена од Карпош ги поднела против својот сопруг поради семејно насилство – ги повлекла.
Во однос на барањата на СДСМ за оставка од Тошковски, премиерот рече дека не би ја коментирал опозицијата бидејќи, како што рече, секојдневно бара оставки од функционерите во власта без разлика на аргументите.
„Министерот Тошковски направи јасна ретроспектива на тоа што се случувало и како се случувало, така што нашата безидејна, мекотелна опозиција не би сакал да ја коментирам. Мислам дека СДСМ е најголемата опасност врз македонскиот идентитет и македонската држава и ги замолувам граѓаните со резерва да ги прифаќаат сите оние лажни конструкции и соопштенија кои доаѓаат од ‘Бихаќка’ бидејќи тие имаат само една цел – да го разнебитат македонското ткиво и да зададат удар врз македонскиот идентитет“,
додаде Мицкоски.
