Разликата меѓу лидерите на двете најголеми ривалски партии изнесува 3,8 процентни поени во анкета на „М-Проспект“, објавена на самиот старт на кампањата, во која дури 36 проценти од испитаниците не веруваат во ниту еден политичар
Лидерот на СДСМ Зоран Заев има предност од 3,8 процентни поени пред неговиот главен ривал – лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, според анкетата на „М-Проспект“ што вечерва ја објави Телма, на првиот ден од кампањата за 10. парламентарни избори.
Но, додека во Заев имаат доверба 18,8 отсто од испитаниците, а во Мицкоски 15 проценти, дури 36,1 отсто од испитаниците немаат доверба во ниту еден политичар во Македонија, покажува анкетата.

Како што се посочува, на испитаниците не им била дадена стандардизира листа на политичари, туку тие самите го наведувале името на политичарот во кој најмногу веруваат. Така, на листата го има лидерот на ДУИ Али Ахмети со рејтинг од 7,4 отсто, а меѓу политичарите што биле избрани од дел од испитаниците се и претседателот Стево Пендаровски со доверба од 3,8 отсто, техничкиот премиер Оливер Спасовски (1,8%) и вицепремиерката Радмила Шекеринска (0,8%).
Според етничката припадност на испитаниците, Заев има предноста во македонскиот блок, но помала. За него се определиле 21,5 отсто од испитаниците додека Мицкоски е прв избор кај 20,4 отсто. Лидерот на СДСМ на свое конто книжи и 7,5 отсто доверба од Албанците.

Кај Албанците, како што објави Телма, неприкосновен е лидерот на ДУИ Али Ахмети кого го навеле 31,9 отсто од испитаниците. Зад него е Зијадин Села во коj најголема доверба имаат 12,8 отсто. Билал Касами од Беса има доверба меѓу Албанците од 1,8 проценти, а во случаен избор со доверба од 2,7 отсто се појавува министерот за образование во заминување Арбер Адеми.
Кога станува збор за недовербата кај Македонците, дури 40 отсто од испитаниците немаат доверба во ниту еден политичар во државата, додека кај Албанците тој процент изнесува 23,5 отсто.
Со анкетата, спроведена по телефонски пат, се опфатени 1 003 испитаници, во периодот од 16 до 21 јуни.