Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќање до премиерот Зоран Заев вели дека низа на проблеми ги мачат граѓаните, а решенија не се наоѓаат.
Според него, освен спорот со Бугарија, проблеми има и во економијата и во здравството, но смета дека Заев има проблем во самата владина коалиција.
„А најголем факт е дека владата е најголем проблем. И затоа треба токму за овие теми да разговараме на лидерска средба, затоа што одговорно е, и граѓаните очекуваат ние да најдеме решение за проблемите кои што постојат. Вистински скандал е што Зоран Заев вчера кажува едно, а денес сосема друго. Вчера рече дека ќе свика лидерска средба ако тоа не го направи Пендаровски, а денес го промени мислењето. Овој човек за се и сешто менува ставови. Што ги доведува граѓаните до сериозно чувство на несигурност и ваквото однесување навистина создава проблеми“,
вели Мицкоски.
Тој смета дека менувањето на ставовите биле најголема потврда дека нпроблемите што ги наброи постојат.
„Гледам нервозно, со навреди и лаги се обраќа кон мене, како што впрочем тоа го прават постојано, и додека тој тоа го прави со невистини, јас само ќе констатирам познат и вистинит факт дека Зоран Заев е амнестиран за криминал. Сосема на крај сакам да заклучам, кога изворот на сите проблеми е Зоран Заев, решението е тој да си замине“,
рече Мицкоски.