Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во објава на социјалните мрежи пред три дена истакна дека војната на УЧК во Косово, Прешево и Македонија била праведна, разумна и чиста. Тој ова го посочи изразувајќи поддршка на протест што се одржа во Приштина организиран од Здружението на воени ветерани на паравоената ОВК
Не може да биде разумна и праведна војната во која кукавички, од заседа, се убиени припадници на безбедносните сили, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на неговиот коалициски партнер од ВЛЕН, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, дека војната на УЧК била праведна, разумна и чиста.

„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде разумна и праведна. Не може некој кој од заседа кукавички одземал животи и убивал припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, тоа не може да биде праведна и чесна војна, барем не во Македонија, не коментирам за соседството. Но, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно Законот за правична застапеност кој е во Венцијанската комисија, тој е затворен“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Тој нагласи дека во фокусот на Владата е иднината, а не минатото, и повика разумните политичари да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.
„Нашиот фокус како влада е иднината, тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми затворени и јас апелирам до сите разумни политичари, да не играат на картата на ДУИ и на оние коишто сакаат да нè вратат 25 години назад. Да гледаме напред, да носиме инвестиции, да направиме поубаво место за живеење за сите граѓани. Тоа е суштината и оската околу која ние треба да се обединиме. Да ги оставиме политичарите кои делеа во минатото, тие немаат тема на иднината, тие не знаат што е иднина, заглавени се во сопствената матрица на минатото. Единствената порака што доаѓа од Демократската унија за интеграција во 14-15 месеци опозиција, заедно со новите коалициски партнери СДСМ и Левица, е токму тоа – поделба. Затоа, апелирам до сите да се воздржиме од какви било теми коишто нè враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината“,
порача Мицкоски.
Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир Изет Меџити, во објава на социјалните мрежи пред три дена истакна дека војната на УЧК во Косово, Прешево и Македонија била праведна, разумна и чиста. Тој ова го посочи изразувајќи поддршка на протест што се одржа во Приштина организиран од Здружението на воени ветерани на паравоената ОВК.
„Мојот став беше и останува принципиелен и непоколеблив: Војната на УЧК во Косово, Прешево како и во Македонија е фер, разумна и чиста. Ова беше војна за државност, за рамноправност и за заштита на албанскиот идентитет на земјите од поранешна Југославија. Светот ги призна и ги казни агресорите и сторителите на злосторствата против Албанците. Секоја тенденција денес да се изедначи сторителот со жртвата е неприфатлива, без разлика дали според нормите на меѓународното право или според принципите на обичајното право“,
напиша Меџити.