„Така што нема да оставиме ништо на случајноста, секој оној којшто се богател на грбот на граѓаните посебно во здравството и на здравјето на граѓаните, ќе има одговорност“, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија
Моето мислење за академикот Сашко Кедев и неговите констатации се, би рекол, врвна индикација за да се преземе нешто веднаш и да се открие што е правено и дали е правено.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар во врска со информациите што во јавноста ги сподели кардиохирургот д-р Кедев дека во дел од приватните болници во земјава се правеле кардиохируршки интервенции без медицински основани причини.

Одговарајќи на новинарските прашања по денешната посета на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Мицкоски рече дека сите индиции ќе се проверат и нема ништо да се остави на случајност.
„Кога еден светски стручњак тоа го кажува, тука мора да има заднина и мора да ја откриеме таа заднина“,
рече премиерот.
Во врска со комисиите што ги формира Министерството за здравство за испитување на наводите на д-р Кедев, премиерот рече дека, колку што е информиран, тие работат на осум случаи за сомнителни кардиолошки интервенции.
„Така што нема да оставиме ништо на случајноста, секој оној којшто се богател на грбот на граѓаните, посебно во здравството и на здравјето на граѓаните ќе има одговорност“,
кажа премиерот.
Министерот за здравство Азир Алиу, кој заедно со премиерот Мицкоски беше на Клиниката за кардиохирургија, пред два дена во телевизиско гостување рече дека нема да се даваат делумни информации за она што ќе го утврдат комисиите за кардиолошките случаи, туку ќе се излезе со конечен извештај откако целосно ќе заврши експертизата. Тој тогаш информира и дека осум предмети се завршени, а дека уште пет нови се пристигнати во Фондот за здравство. Алиу рече оти очекува да бидат доставени и други случаи од институции и граѓани.
Минатата недела „360 степени“ објави сторија во која го анализираше случајот со кардиолошките интервенции што во јавноста го актуализира кардиохирургот д-р Сашко Кедев во гостување на Радио „Канал 77“ пред речиси месец и половина.
Првиот човек на ресорот здравство, Азир Алиу, се воздржа директно да ги соопшти првичните наоди од осумте случаи кои ги разгледува интерната комисија во Министерството за здравство, но објаснувајќи го процесот, тој индиректно потврди дека во случајот освен чад, веројатно има и оган.
Освен интерната комисија, ад-хок проверки на досиеја на пациенти ќе врши и Лекарската комора. А, врз основа на извештаите од интерната комисија и проверките на Лекарската комора, препораки ќе даде комисија од странски експерти.
Интерната комисија и Лекарската комора, во суштина, бараат одговори на прашањето дали е направена штета по здравјето на граѓаните. Но, отворена е и дилемата – дали е направена штета и на буџетот на Фондот за здравствено осигурување.