Премиерот рече дека имале информации дека ова ќе се случи во текот на вчерашниот ден, а за тоа ги информирале и стратегиските партнери и меѓународната заедница
Предупредувавме дека ќе се случуваат ваков тип обиди за ескалација и креирање етнички тензии, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го сквернавењето на државното знаме на синоќешната прослава на Денот на независноста на Албанија и на албанското знаме во центарот на Скопје.

Според премиерот, вчерашниот инцидент нема да биде единствен и изолиран случај.
„Очекувајте да има и во иднина бидејќи како правдата пополека, но сигурно се доближува до криминалците, така тие ќе стануваат понервозни и понетрпеливи. Единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака – со манипулирање и предизвикување ваков тип инциденти“,
изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по настанот на отпочнување на реконструкција на Спортската сала „Расадник” во Општина Кисела Вода.
Рече дека имале информации дека ова ќе се случи во текот на вчерашниот ден, а за тоа ги информирале и стратегиските партнери и припадниците на меѓународната заедница.
„Уште утрово заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија ги информиравме нашите стратегиски партнери во земјата но и надвор за случувањата и доказите за тоа што се случуваше, со какви информации располагаме и за она што очекуваме во наредниот период да се случи“,
додаде Мицкоски.
Премиерот додаде дека секој оној што ги прекршил законите и Уставот ќе подложи на одговорност, а оти Владата жестоко ќе одговори на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во државата.
„Апелирам до македонските граѓани на трезвеност. Да не дозволиме овие инциденти да предизвикаат негативни чувства бидејќи ова е мала изолирана манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони, а до тие коишто се потенцијални жртви на овие политички криминалци и насилници сакам да ги предупредам дека нема да има милост кон никого“,
додаде тој.
Во изјавата за медиумите, Мицкоски им честиташе на МВР, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје за, како што рече, навремената, трезвена и државничка реакција бидејќи не дозволиле ескалирање, а истовремено реагирале за приведување на лицата што го сквернавеле државното знаме.
- Уапсени се осуммина што учествувале во вчерашните настани на прославата за Денот на албанското знаме
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно денеска информира дека по синоќешните инциденти во Скопје за време на прославата на Денот на албанското знаме се уапсени осум лица.