Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се согласува со ова, но со предуслови што треба да ги исполни бугарската страна. Еден од нив е Бугарија „да се обврзе дека тоа е нивното последно барање“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по неодамнешните средби со бугарската шефица на дипломатијата Теодора Генчовска и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, е далеку од оптимист за прашањето за европскиот пат на Македонија и ветото од Софија, пишува „Призма“.
„Јас не можам сега да зборувам за деталите, не е културно, но мојот впечаток е дека не може да се дојде до решение“,
вели Мицкоски во интервјуто за „Призма“.
Иако за разлика од бугарската политичка сцена, која деновиве зовре на македонското прашање, Мицкоски изгледа повоздржано од порано, и вели дека евентуалното решение во овој момент не би ни било поволно бидејќи „таму нема никакви отстапувања од резолуцијата што ја усвои бугарското собрание во ноември 2019 година“.
Во разговорот со „Призма“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие ќе гласаат против ако во Собранието дојде предлог, бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка со Европската Унија.
Ставот „против“ го поткрепува со објаснувањето дека тоа ќе „значи, или се асимилирате, бугаризирате и станувате дел од ЕУ, или никогаш нема да бидете дел од ЕУ“.
Можноста Бугарите да влезат во македонскиот Устав, нешто на што силно инсистира бугарското државно раководство, како услов за да го тргне ветото, Мицкоски децидно не ја одбива. Имено, тој ја остава ваквата можност, но со предуслови што треба да ги исполни бугарската страна. Еден од нив е Бугарија „да се обврзе дека тоа е нивното последно барање“.
Како „многу важно за нас, посебно во преговорите со Бугарија“, Мицкоски го споменува процесот во кој се очекува Македонската православна црква да го добие томосот. „Се прави јасна идентитетска разлика со останатите верници на Балканот“, наведува тој и ги отфрла ставовите дека решението на повеќедеценискиот спор меѓу српската и македонската црква е последица на Договорот од Преспа.
„Исто како што бил томосот на атинска патријаршија или на московска патрирајшија“ одговара Мицкоски на забелешките дека томосот најверојатно ќе и биде издаден на Охридската архиепископија, а не на Македонската православна црква.
„Сè додека во Уставот, во статутот на Македонската православна црква и во молитвите стои зборот македонска ќе ја има мојата поддршка“,
вели Мицкоски.
Целиот разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во кој тој зборува и за пресудата за „Талир 2“ со која се одзема голем дел од имотот на партијата меѓу што и седиштето, како и за неговиот став околу евентуално коалицирање со ДУИ, можете да го прочитате ТУКА.