Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата, ќе се бориме, нема да се повлечеме. Ако некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа пресуда ќе се обесхрабри, се лаже. Ова само дополнително ќе нè мотивира да дојдеме до правдата и нашата борба да ја ослободиме Македонија од овие криминални политичари, да ги ослободиме обвинителството и судството од заканите, притисоците и од стегите, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Имотот не е ВМРО-ДПМНЕ туку народот, а ваквата политичка одлука на судството на СДСМ и ДУИ нема да нè поколеба во нашата борба, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со судската одлука за „Талир 2“.
По средбата со комесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји во Охрид, Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, истакна дека во овие триесет години независност ВМРО-ДПМНЕ поминала низ многу премрежиња.
„Ќе го помине и ова бидејќи имотот за кој се побара конфискација не е ВМРО, туку народот е ВМРО и ова партизирано и октроирано судство и обвинителство на СДСМ и ДУИ не го суди ВМРО-ДПМНЕ, туку Македонија и македонскиот народ. Денеска ја добивме првостепената пресуда. Ова партизирано октроирано судство и обвинителство решило да го суди ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, тоа не го суди ВМРО-ДПМНЕ туку го суди македонскиот народ, ја суди Македонија“,
рече Мицкоски.
Според него, „уште еднаш се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената пречка за разнебитување на македонскиот идентитет и македонската држава од овие октроирани партизирани судии и обвинители на СДСМ и ДУИ“.
„Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата, ќе се бориме, нема да се повлечеме. Ако некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа пресуда ќе се обесхрабри, се лаже. Ова само дополнително ќе нè мотивира да дојдеме до правдата и нашата борба да ја ослободиме Македонија од овие криминални политичари, да ги ослободиме обвинителството и судството од закани, притисоци и од стегите, ќе продолжи. Ќе повторам уште еднаш, ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО не е имотот, ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО е народот на Македонија и самата Македонија. Продолжуваме да се бориме се додека конечно не ја добиеме правдата“,
рече Мицкоски.
Кривичниот суд денеска донесе првостепена пресуда за случајот „Талир 2“, според која се конфискуваат партиското седиште и 30 партиски штаба низ државата.