Тој случај е од минатото, од претходната влада, снесен како кукавичко јајце, коешто треба да имплодира во овој период, рече Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски ја обвини претходната владејачка гарнитура за случајот со Акиф Равманоски, еден од осудениците кои пред три дена беа помилувани од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а потоа повторно приведен за друго дело. Според Мицкоски, претходната влада го „темпирала“ времето за овој случај кој предизвика негодувања и реакции во јавноста.
„Тој случај е од минатото, од претходната влада, снесен како кукавичко јајце, коешто треба да имплодира во овој период. Тоа што имаше да каже и Комисијата го слушаме по медиумите, луѓето кои се дел од таа комисија се присутни на медиумите. Добив информации од МВР дека едно од лицата кои беа предмет на измена на судска одлука е повторно приведено. Добив информација дека има уште неколку дела коишто се поврзани со ова лице. Нема да одам чекор понатаму да коментирам и да прејудицирам судски одлуки. Јас сум човек легалист, верувам во презумција на невиност, но она коешто го знам е дека истото лице веќе доби 30-дневен притвор. Оставам на правосудните органи понатаму да одлучат како да постапуваат за други случаи каде што постои основано сомнение за сторен криминал“,
изјави Мицкоски.
На 23 октомври, претседателката Сиљановска-Давкова донесе одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои и лицето Акиф Равманоски, за кој медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“.
Два дена по објавувањето на одлуката за помилување, при излегувањето од затворот „Идризово“ тој беше повторно уапсен, но за друго дело – обид за убиство. За опозицијата помилувањата се скандалозни, а власта, како што рекоа, со апсењето на Равманоски сака да го смири гневот кај јавноста.
На листата на помилувани се најде и Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во Трговскиот центар „Мавровка“. Покрај нив, помилување доби и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески.
По реакциите во јавноста, претседателката порача дека лицата кои ги помилувала се „интересни“ во негативна смисла, а Комисијата, како што посочи, се водела од делата за кои се осудени.
„Во првиот случај, не го знам ниту името како беше, пресудата за делото е една година и три месеци. Делото се однесува на неовластено поседување на оружје и на пет куршуми. Да, личноста знам која е, но зборувам за работата на Комисијата. Во вториот случај се работи за дело што е врзано со насилство или некоја тепачка на наплатна станица и казната е шест месеци. Веројатно тие се воделе од ова заменувајќи ги обете со условна казна од три години“,
рече Сиљановска-Давкова.
Министерот за правда Игор Филков, пак, вчера порача дека министерството дава препорака за намалување на казната на осуденикот од еден до шест месеци, а таа потоа оди кај претседателката на државата, односно кај Комисијата за помилување. Според него, дојдено е време за освежување во Комисијата за помилување.