Како причини за лошиот изборен резултат на власта тој смета дека се назадувањето на државата и тоа што нема ниту милиметар помрднување во интеграциите кон ЕУ
Владата на Заев го губи политичкиот легитимитет и кредибилитет, затоа што не ги оправда очекувањата за кои доби доверба од народот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за српскиот дневен весник „Политика“ кој во денешниот број објавува две паралелни интервјуа со лидерите на двете најголеми партии во земјава – Зоран Заев на СДСМ и Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој оценува дека по првиот круг власта е декласирана во Скопје, но и други големи градови во државата, а онаму каде сега има втор круг ВМРО-ДПМНЕ влегува како апсолутен фаворит.
„Овие локални избори потврдија дека народот се спротивставува на политичарите кои немаат слух за неговите барања, но и фактот дека завршува времето на лагите и непринципиелноста во политиката. Загубениот кредибилитет преку локалните избори, очекувам да се преслика и на парламентарната власт, односно многу скоро тие промени ќе продолжат и на централно ниво“,
вели Мицкоски.
Тој објаснува дека за Македонија ова се многу важни избори од повеќе аспекти, бидејќи, како што вели ја дефинираат определбата на граѓаните дали сакаат нешто да променат или пак ќе продолжи државата со стариот начин на работење.
Како причини за лошиот изборен резултат на власта тој смета дека се назадувањето на државата и тоа што нема ниту милиметар помрднување во интеграциите кон ЕУ.
„Народот со право е разочаран и има чувство дека премногу жртвуваше за нешто што не го доби. Воедно тука би нагласил дека силно влијание има и несериозниот однос на македонската влада која тргуваше со најсветите нешта за македонскиот народ, идентитетските прашања кои се наше обележје“,
додава Мицкоски.
За спорот со Бугарија вели дека е изговор и новосоздаден.
„Тој е производ на пазарџиската политика на премиерот Заев кој им создава очекувања на Бугарите и прифаќа нешто што нема да му помине дома“,
вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека неколку години потоа Македонија е на патот кон ЕУ на истото ниво како и пред тие договори.
„Мене ми е јасно зошто македонските власти тоа го направија, поради ситни лични привилегии и функции, додека вистинската цена ја плаќа народот. Иднината на Македонија е во Европската Унија и тој пат нема алтернатива, но воедно таа цел е можна доколку имаме влада која се бори за принципи, за вредности, против криминалот и корупцијата, која прави реформи и има отворени односи на взаемно почитување кон сите соседи“,
истакна Мицкоски.