Премиерот рече и оти доколку тој се прашува, би ги советувал СДСМ да се појават на лидерска средба на која се дискутира за теми кои се важни за разговор за сите граѓани
На политичката сцена не останува празен простор и доколку некој се повлече, некој друг ќе го запоседне тоа место – рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали со неучеството на лидерската средба најголемата опозициска партија СДСМ остава простор Левица да го преземе приматот во опозицискиот блок. Мицкоски вели, вакуумот во политиката брзо се пополнува.
„Дали тоа ќе биде таа политичка партија за којашто вие говорите, дали некоја друга, дали некоја можеби нова, трета, не знам. Но, во суштина, кога вие го напуштате просторот политички, тогаш некој друг тој простор ќе го запоседне. Едноставно така функционираат работите во животот“,
кажа тој.

Премиерот нагласи дека Владата ја добила довербата од граѓаните и има обврска да се однесува зрело, додека потегот на социјалдемократите го оцени како спротивно од тоа.
„Доколку некои политички партии одлучиле да се однесуваат незрело, тоа е нивен проблем. Доколку мене би ме прашале за совет, мојот совет би бил да се појават на таква лидерска средба и да поразговараме за темите кои што се важни за разговор и за граѓаните“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски изрази задоволство од текот на самата лидерска средба, посочувајќи дека сите присутни по завршувањето дале изјави во кои ја потенцирале конструктивноста, квалитетот на предлозите и размената на мислења.
„Мене како организатор и претседател на Владата тоа ми претставува задоволство. Тоа што СДСМ одлучи да се самоисклучи, тоа е одлука претпоставувам на актуелното раководство на СДСМ. Повторно ќе кажам, кога мене би ме прашале за совет, јас не би им го советувал тоа, но тоа е нивна одлука“,
заклучи премиерот.
Вчера, лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече оти неговото отсуство од лидерската средба не е грешка оти тој не им верува на луѓето од власта бидејќи едно зборуваат, а прават сосема други работи. Дополнително, кажа и оти власта ги злоупотребува институциите правејќи притисок преку полиција и социјалните служби.
