Прашан дали постојат разговори со партиите од опозицискиот „Европски фронт“ за приклучување кон власта, тој повторно не даде конкретен одговор и повика на трпеливост и повеќе информации во следниот период
Следната недела очекувам многу работи да бидат појасни, да бидеме трпеливи.
Вака гласеше одговорот што премиерот Христијан Мицкоски го даде одговарајќи на неколку новинарски прашања на денешната прес-конференција, кои се однесуваат на актуелната политичка состојба во државата, а се поврзани со одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари да премине од власт во опозиција.

Премиерот беше прашан дали сите функционери од Алијанса на Таравари си заминуваат или постојат некои кои ќе продолжат да дејствуваат во власта, како и ќе се оди со разрешување или ќе се чека на оставки од функционерите.
„Во периодот што следува многу работи ќе бидат појасни, така што, да бидеме трпеливи и да разговараме. Во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор, така што, очекувам веќе во текот на следната недела да има повеќе на оваа тема. Веќе има договорени активности за викендот, сабота и недела, така што, следната недела очекувам многу повеќе да бидат познати работите за кои ме прашувате“,
рече Мицкоски.
Прашан дали постојат разговори со партиите од опозицискиот „Европски фронт“ за приклучување кон власта, тој повторно не даде конкретен одговор и повика на трпеливост и повеќе информации во следниот период.
Премиерот информираше дека на вчерашниот состанок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ членовите го овластиле да номинира нови имиња кои ќе ги заменат оние кои, како што рече, одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ, а доаѓаат од редовите на партијата на Арбен Таравари.
„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа редовен состанок на кој разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во државата. Имаше и некои други кадровски прашања, подготовки за активности во периодот којшто следи. Очекувам до крајот на месецот отприлика да излезам пред членовите на Извршниот комитет со предлози за кандидати за градоначалници. Процедурата е таква, па од таму оди на Централен комитет“,
рече Мицкоски.
Алијанса за Албанците на Арбен Таравари во понеделникот едногласно одлучи да излезе од владината коалиција и да премине во опозиција. По ваквата одлука, од Владата соопштија дека нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министрите.