Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека легализацијата била дел од агендата на неговата средба со премиерот Заев, но тој одбива да прифати дека за тоа законско решение гласале сложно со СДСМ. Мицкоски ги обвини политичарите што се противат на изгласаниот закон и ги нарече естрадни и политиканти, бидејќи не се спротивставиле и не поднеле амандмани. Во однос на одбивањето на претседателот Пендаровски да го потпише Указот за прогласување на законот, Мицкоски рече дека тоа е негово право, но и дека, според него, Пендаровски во минатото потпишал и поштетни закони. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека неговата партија ќе го блокира донесувањето за законот за продажба на државно земјоделско земјиште доколку не бидат прифатени нивните забелешки.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека за легализацијата на дивоградбите разговарале со лидерот на СДСМ Зоран Заев на последната тет-а-тет средба, бидејќи тоа бил еден од законите за кои опозицијата била обвинета дека го кочи. Тој, сепак, не смета дека власта и опозицијата сложно го изгласале во Собранието.
„Јас навистина им се чудам на неколкуте естрадни политичари во парламентот коишто потоа кренаа голема галама, во стилот дека опозицијата и власта го донеле. Јас се чудам зошто тие естрадни политичари не поднесоа неколку илјадници амандмани за да го блокираат овој закон ако не се сложуваат. Таква можност преку филибастерингот има секој пратеник и тој може да блокира определени законски решенија, ако види дека неговото право да го аргументира со амандмани и да интервенира му е ускратено“,
изјави Мицкоски.

Пендаровски има потпишано многу поштетни закони од овој, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Во однос на одлуката на претседателот Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на законот со кој се овозможува легализација на дивоградбите, Мицкоски рече дека тоа е негово право, но и дека тој во минатото ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата така за граѓаните и за националните интереси.
„Право на претседателот е да не потпише закон, тој го искористил своето право, јас немам што тука да коментирам. Можеби треба него да го прашате зошто се одлучил за тој чекор да не го потпише овој закон којшто дошол кај него, а потпиша во минатото многу, многу поштетни закони и за економијата и за граѓаните, но и за националните интереси, така што ве упатувам, еве, да го прашате претседателот Пендаровски што го мотивирало да се одлучи на овој чекор“,
рече Мицкоски.
Мицкоски: Ги повикувам естрадните политичари да не се кријат и ако сакаат да го блокираат законот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека законот за легализација на дивоградби, како што е предвидено со уставните норми, ќе се врати назад во парламентот и ги повика сите „естрадни политичари од парламентот да го искористат своето право за блокирање на законот и да не се кријат зад дневно политикантство“.
„Еве, претпоставувам и сега овој закон повторно ќе дојде во парламентот, таква е уставната траекторија и ги повикувам сите пратеници и оние естрадни политичари во парламентот да поднесат неколку илјадници амандмани и да го блокираат овој закон ако мислат дека не треба да се донесе за да не биде после тоа ad hominem напади и дневно политикантство во услови кога имаме пандемија и буквално е урната државата поради неспособните политики на оваа власт“,
изјави Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи донесување на законот за продажба на државно земјоделско земјиште
Мицкоски пред новинарите истакна дека една од многуте штетни политики е законот со кој Владата става на продажба илјадници хектари земјоделско земјиште и објасни дека ВМРО-ДПМНЕ е против тој закон и ќе го блокира неговото донесување.
„Со овој закон планираат да продаваат илјадници, илјадници хектари земјоделско земјиште. Ние сме против и тој закон кога ќе дојде во парламентот, еве уште од сега ви најавувам, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе интервенира амандмански. Доколку тие амандмани коишто се разумни и во заштита на интересите на граѓаните не бидат, би рекол прифатени од страна на власта, законот ќе биде блокиран. Еве, ние така функционираме. Ние не излегуваме јавно и по социјални медиуми да обвинуваме и да ги напаѓаме останатите, туку, еве, во рамките на парламентот, јавно ви кажувам дека тој закон ќе го блокираме“,
подвлече Мицкоски.