Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски парнер ја преферира албанската опозиција, но дека важно и да се има двојно мнозинство во Собранието.
„Јас ја преферирам албанската опозиција, но честопати го говорам тоа и ќе го повторам во вашата емисија дека, сепак, има едно правило над сите правила и желби, а тоа е правилото на Бадентер кое, доколку сакаме да имаме успешно спроведени реформи, мораме да го почитуваме“,
рече Мицкоски.
Прашан дали би коалицирал со ДУИ, партија за која пред неколку месеци, во периодот на прифаќање на т.н. француски предлог, рече дека „влезе во пакт со Бугарија и го предаде македонскиот народ“, Мицкоски одговори:

„Јас стојам на ставот дека тоа беше историска грешка на Али Ахмети и неговите соработници и без разлика дали утре би соработувале, би седнал и би поставил сериозни критериуми како таа влада би функционирала. Во животот не значи дека ако некој погрешил, вие треба да го отпишете. Христијански е да се седне, да се прости, да се разговара, да се укори, да се вкрстат аргументите и од човекот што погрешил, впрочем, сите сме грешни луѓе, да направиме човек кој ќе биде на вистинската страна на историјата“,
рече Мицкоски.
Мицкоски смета дека ВМРО-ДПМНЕ можеби е единствена партија што може потенцијалниот коалициски партнер да го бира самата без да биде условувана или уценувана.
„Мене ми е важно со онаа политичка партија со која ќе седнеме да преговараме за владино мнозинство да имаме пред сè програмска хемија, да можеме околу програмата да се договориме, она што е важно за граѓаните. За тоа ако успееме со потенцијалниот коалициски партнер, тогаш јас мислам дека сме ја постигнале вистинската цел“,
вели тој.
За изјавите од партиите на Албанците дека законот за употреба на јазиците и договорите од Преспа и со Бугарија се црвена линија за сегашно и идно коалицирање со која било партија, Мицкоски рече дека тие не се задоволни од овие договори и дека ќе сторат се, „особено за најакутното прашање – договарањето со Бугарија и обидот да се асимилира македонскиот народ“, процесот да го вратат назад.
„За законот за јазици има претставка пред Уставен суд, па да почекаме да видиме како ќе заврши тој процес. А за договорот од Преспа – не сме среќни, но сме рекле дека тој договор реално се имплементира во земјава и сега ние да се правиме дека тоа не се случува, не би било чесно кон бирачите. Но, ќе сториме се овие неправди кон македонскиот народ да се исправат“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.