Препораката од Мицкоски следува откако Касами претходно повика жителите на Општина Брвеница да дадат поддршка на кандидатот на ВЛЕН, а не на тој од нивниот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ

Етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече вниманието во јавноста и да се добијат гласови. Оваа препорака му ја упати премиерот Христијан Мицкоски на актуелниот градоначалник на Општина Тетово и претендент за нов мандат, Биљал Касами. Препораката од Мицкоски следува откако Касами претходно повика жителите на Општина Брвеница да дадат поддршка на кандидатот на ВЛЕН, а не на тој од нивниот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја слушнав таа изјава на Биљал Касами и можам да кажам дека за жал влегува во фолклорот на опозициската ДУИ, без потреба. Моја препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече внимание во јавноста и да се добијат гласови туку треба да зборува во Тетово за проектите што заедно со поддршка од Владата се направени за сите и за Македонци, Албанци, Турци, Срби“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Според премиерот, кандидатот на коалицијата ВЛЕН треба да зборува за проекти што ќе ги направи за жителите на Брвеница, а не да се гласа според тоа дали е некој Македонец или е Албанец.
„Тоа е политика на минатиот век и јас мислам дека таа политика не му носи предност на никому“,
рече Мицкоски додавајќи оти е сигурен дека нивниот кандидат Јован Илиевски ја има поддршката од сите етнички заедници и ќе биде по втор пат градоначалник овде во Брвеница.
Инаку, коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Брвеница го кандидира директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани.
Мицкоски беше прашан и за коментар на изјавите на Аднан Азизи, шеф на изборниот штаб на ВЛЕН на локалните избори, кој додека зборува пред граѓаните на Тетово рече дека ќе ги запре сите „српски проекти“ што им штетат на Албанците, а им се во корист на Македонците. Азизи, според новинарското прашање што му беше поставено на Мицкоски, за време на говорот со рацете го направил орелот, а веќе вчера имало тепачка и меѓуетнички тензии во Тетово.
Мицкоски без да посочи име, надоврзувајќи се на новинарското прашање, рече дека последно што знае е оти тој што ја дал изјавата нема никаква политичка моќ да одлучува за текови и процеси во државата.