Навикнати сме на променливите позиции на Зоран Заев во изминативе 52 месеци откако е претседател на владата, но и претходно откако е активен во политиката, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ја коментира изјавата на Заев дека доколку во вториот круг го изгуби Скопје и поголемиот број од општини ќе си даде даде оставка.
„Не би ме изненадило доколку по 31 октомври ја промени својата изјава, знаеме дека во минатото и жици се спомнуваа и се колнеше, но не држеше до кажаниот збор“,
кажа Мицкоски денеска за време на посетата на Битола, поточно на индустриската зона „Жабени“.
Тој ги повика граѓаните на 31 октомври да излезат на гласање и како што рече, „да му помогнат на Заев во одлуката да си даде оставка“.
„Она што мислам дека ќе се случи на 31 октомври е народот ќе му помогне да ја донесе вистинската одлука која ја кажа, а тоа е дека ако ги изгуби и изборите ќе се повлече. Па, јас го повикувам народот тоа што го направи на 17 октомври да го направи и на 31 октомври и да му помогне на Зоран Заев да ја донесе вистинската одлука, бидејќи тоа е вистинска одлука за народот и за државата Македонија“,
рече Мицкоски.