Прашан дали ќе има реакција поради тоа што шефот на бугарската дипломатија го нарече „северномакедонски премиер“, Мицкоски денеска изјави дека „тоа момче“ е пратено за да привлече внимание од влада која во заднина ја раководи некој друг

Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ја коментира изјавата на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, кој денеска изјави дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за С Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече, „северномакедонскиот“ премиер.
Мицкоски министерот за надворешни работи на Бугарија го нарече момче, кое нема намера да го коментира.
„Па не би го коментирал тоа момче“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по денешниот настан за одбележување 80-годишнина од основањето на Црвениот крст на Македонија.
Во одговор на друго прашање на истата тема, за тоа дали ќе има реакција од Владата затоа што Георгиев го нарече „северномакедонски премиер“, Мицкоски рече дека „тоа момче“ е пратено за да привлече внимание од влада која во заднина ја раководи некој друг.
„Мислам дека не треба да му дадеме можност и јас апелирам и до вас медиумите, оставете го тоа момче таму. Тоа е влада којашто во позадина друг ја раководи, тие луѓе треба да одработат и му рекле, му дале задача, ајде сега закачај се. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“,
рече Мицкоски.
Шефот на бугарската дипломатија во гостување во утринската програма на БТВ денеска оцени дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски спроведува „кризен пи-ар“, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
Според него, властите во С Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но, како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција.
Говорејќи за спорните историски прашања, шефот на бугарската дипломатија вели дека тоа било оставено на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Скопје и Софија.
„Темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да го експлоатира никој“,
кажа бугарскиот министер за надворешни работи.
Инаку премиерот и денеска се осврна на вчерашното гласање за извештајот за напредокот на С Македонија во Европскиот парламент кој беше усвоен но без референците за „македонски јазик и идентитет“ кои беа отстранети преку амадмани, поддржани од мнозинството пратеници во ЕП.
„Оваа Влада се обиде да врати дел од загубеното затоа што ќе остане запишано и ќе остане во институционалната меморија европскиот извештај којшто беше изгласан на АФЕТ, Комитетот за надоворешна политика при Европскиот парламент и истиот со тој текст се најде пред европратениците. Да потсетам дека обидот беше за целосно преименување на македонскиот идентитет и јазик од некои европратеници кои со своето неодговорно однесување се обидоа да го додефинираат како модерен. Во тоа не успеаја бидејќи мнозинството европратеници ја прочитаа намерата, но за жал успеа она бришење од самиот извештај на референците за македонскиот идентитет и јазик, односно она кое што веќе беше усвоено на АФЕТ“,
рече Мицкоски.
Сепак, како што повтори и денеска, она што е важно е што Европа, светот и македонските граѓани виделе дека проблемот е многу посуштински од само, како што рече, лесно внесување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот.
„Проблемот е многу подлабок, многу посуштински, а тоа е негирање на идентитет, на јазик на еден од најмалобројните народи во Европа од страна на неговиот, во овој случај, источен сосед или соседна Бугарија. Тоа е за мене чин на преседан и сè само не европска вредност. Јас навистина не можам да прифатам како европратениците коишто вчера гласаа за бришење од извештајот на македонскиот идентитет и јазик мирно ќе спијат“,
рече премиерот.

Прашан како гласањето во ЕП за Извештајот за земјава ќе влијае на евроскептицизмот во регионот, Мицкоски рече дека архитектурата што се обидува да ја создаде Бугарија во случајов негативно влијае на имиџот и вредностите што ги споделува Европската Унија. Сепак, како што кажа, тој и Владата имаат обврска кон граѓаните и кон сите други уште посилно и попосветено да работат на внатрешните реформи, а истовремено надвор од државата да се обидат погласно да ги артикулираат нашите аргументи и да останат фокусирани сè додека државата не стане полноправна членка на Европската Унија.
„Грешките од минатото нема да ги правиме. Иако можеби некој тоа го очекуваше по изгласувањето на вчерашниот извештај ние сега револтирано да ги напуштиме преговорите, договорите итн., ние незрело и неодговорно нема да се однесуваме. Напротив, остануваме уште попосветени, уште пофокусирани и со реформите дома ќе докажеме дека сме најдобриот ученик во одделението и да бидеме посакувани од страна на Европската Унија, и овие архитекти не ќе можат да градат ваква архитектура за да нè оспоруваат и да ја попречуваат нашата иднина и нашата интеграција во Европската Унија“,
рече Мицкоски.
Во однос на повикот за обединување што вчера тој, а денеска и неговиот коалициски партнер Максим Димитревски, го испрати до другите партии, Мицкоски рече дека тоа се однесува на обединет настан на сите политички чинители во однос на националните интереси, но, како што додаде, не очекува предлогот да биде прифатен од Социјалдемократскиот сојуз.