На премиерот Димитар Ковачевски, тој му порача да го одбие предлогот и да не подлегнува ниту на уцените од ДУИ дека ќе излезе од владата. До Бугарија, пак, испрати порака дека кога ќе дојде на власт нема намера да почитува ниту една точка од еден ваков договор и побара властите од Софија да дојдат во Скопје и да се извинат за фашистичката окупација од Втората светска војна

Бугарското вето за почеток на преговорите со Европската Унија (ЕУ) и францускиот предлог за надминување на спорот помеѓу Софија и Скопје, беа една од главните теми на кои се осврна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот опозициски протест пред Владата.
Францускиот предлог тој го нарече дека е продолжение на политичката агресија врз земјава и според него значи капитулација и бугаризација на Македонија на рати.
„Предлог кој овие од владата се прават дека ниту го виделе ниту пак слушнале, а тие го договарале. Да бидеме на чисто. Тоа е ништо друго освен капитулација без одлагање, што би се рекло бугаризација на Македонија на рати или дипломатски нокаут“,
рече Мицкоски.
Според него, со францускиот предлог тоа што до вчера бил билатерален проблем со официјална Софија сега, сега станува наш проблем со официјален Брисел и цела ЕУ.
„Или да бидам прецизен, асимилација, бугаризација, па потоа европеизација или никогаш нема да бидеме дел од ЕУ. Постојано нови барања, и крајно неразумни предизвици“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека во тој предлог нема датум за преговори туку има услов – ако сакаме преговори, тогаш да го отвориме Уставот и да ги исполниме барањата на Софија.
На премиерот Димитар Ковачевски, тој му порача да го одбие предлогот и да не подлегнува ниту на уцените од ДУИ дека ќе излезе од владата. До Бугарија, пак, испрати порака дека кога ќе дојде на власт нема намера да почитува ниту една точка од еден ваков договор и побара властите од Софија да дојдат во Скопје и да се извинат за фашистичката окупација од Втората светска војна.
„Што се однесува до Бугарија, сакам јасно да посочам дека ниту јас ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точна од овој договор да почитува или применува. Една порака и до официјална Софија: Наместо да нè поддржувате како соседи, вие нè блокирате и неповратно ги оддалечувате нашите два народи, македонскиот и бугарскиот. Наместо да дојдете во Скопје и да клекнете, да се извините за злоделата за време на фашистичката окупација во Втората светска војна вие сакате да ни ја ретуширате историјата. Тоа не се европски вредности и тоа нема никаква врска со Европа“,
рече Мицкоски.
Исто така, испрати порака дека додека тој е на чело на ВМРО-ДПМНЕ нема да се промени Уставот за во него да влезат бугарските барања.
„Сакам да бидам јасен: 80 пратеници, две третини менуваат Устав. Тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека јас сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него“,
рече Мицкоски.