Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ не даде конкретен одговор на прашањето за евентуална поддршка на СДСМ за Сотир Лукровски во вториот круг во Карпош. Алудирајќи на актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, Мицкоски рече дека карпошани во првиот круг избрале да не поддржат човек што е на американската црна листа и е првостепено осуден за криминал
Вистинското прашање е дали претседателот на СДСМ, Венко Филипче, поддржува човек што е на црната листа на САД и е осуден во прв степен поради сторен криминал.

Ова беше дел од коментарот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска од новинарите беше прашан дали објавената фотографија помеѓу кандидатката за градоначалничка на Карпош од СДСМ, Маја Мојсова-Мијовска, и Сотир Лукровски значи договор за поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори во скопски Карпош.
Мицкоски не даде конкретен одговор на прашањето за евентуална поддршка на СДСМ за Лукровски кој предничи пред противкандидатот Стевчо Јакимовски од ГРОМ со околу 1 500 гласа. Алудирајќи на актуелниот градоначалник Јакимовски, премиерот рече дека карпошани во првиот круг избрале да не поддржат човек кој е на американската црна листа и кој е првостепено осуден за криминал.
„Претпоставувам дека останатите кандидати и политички чинители во Македонија ќе се согласат со она што ќе го кажам, а тоа е дека нема да поддржат кандидати што се наоѓаат на црната листа на САД поради криминал и кои се осудени во прв степен, лица кои на овие локални избори излегуваат и се обидуваат со старите трикови да ја добијат поддршката на карпошани. Во тој контекст ја гледам средбата помеѓу кандидатката Маја Мојсова и идниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски. Можеби вистинското прашање за претседателот на СДСМ е дали тој поддржува лице кое е на црната листа на САД и кое е осудено во прв степен поради сторен криминал“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Коментар за фотографијата на Мојсова и Лукровски претходно денеска даде и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека нема никаков договор за поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Капрош. Филипче рече дека разговарал со Мојсова-Мијовска за фотографијата што предизвика реакции меѓу членовите и симпатизерите на опозициската партија, додавајќи дека денеска ќе има и средба со неа.
