Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за македонската редакција на Дојче Веле смета дека критиките упатени кон македонската опозиција од еврокомесарот Оливер Вархеји се резултат на неговата потреба како евробирократ, на своето биро да има уште едно завршено поглавје. Иако тој станува еврокомесар по предлог на Орбан, со кого Мицкоски пред два дена се сретна во Будимпешта, лидерот на ВМРО ДПМНЕ вели дека од него не добил слична порака, туку наишол на разбирање.

„Не, разговорите со премиерот на Унгарија, Орбан, воопшто не беа во тој дух. Напротив. Тој е пријател на Македонија и голем поддржувач на стратешките интереси. Одблиску го запознав со деталите околу преговарачката рамка, и тоа што нам ни пречи, а тоа е правото кое се дозволува на земја членка на Унијата да ги менува нашите учебници, нашиот Устав, да го негира нашиот јазик, а за возврат ние сѐ уште да сме пред портите на ЕУ, сѐ додека некој од Бугарија не рече – доволно е обезличување, сега можете да влезете. Разговаравме и за состојбите во регионот, енергетската криза и ред други теми и прашања. Пријателска и средечна средба“,
вели Мицкоски во интервјуто за Дојче веле.

Во однос на констатацијата на Вархеји дека опозицијата со своето однесување кон францускиот предлог ги преминала границите, Мицкоски во разговорот оценува дека единствените црвени линии кои биле преминати се тие со кои се распродава македонскиот идентитет и се врши груба трговија со историското наследства и културните обележја на македoнскиот народ.
„Проблеми останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Комесарот треба да сфати дека никој од владата не ја консултираше опозицијата при изработка на документот кој беше усвоен како преговарачка рамка. Беа игнорирани барањата јавно да се објави текстот од протоколот со бугарските мегаломански барања. Се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите туку обична фото-сесија. Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави“,
подвлекува Мицкоски.
ЗА „ИНСТРУКЦИИТЕ“ ОД ГРУЕВСКИ, РЕФЕРЕНДУМОТ И СУСПЕНЗИЈАТА НА НАЌЕ ЧУЛЕВ
Тој потенцира дека се дезинформации и невистинита пропаганда укажувањата на СДСМ дека неговите чести патувања во Будимпешта се со цел да добива инструкции од поранешниот лидер на партијата и експремиер Никола Груевски.
„Можеше да се претпостават реакциите на СДСМ, тие се истите копи-пејст од минатиот пат кога се видов со Орбан. Јасно им е и на тие инсталации позади кои седи интересот на СДСМ, дека доаѓа ВМРО-ДПМНЕ и сега преку ваков или сличен притисок тие инсталации сакаат да фатат приклучок. Тоа е јасен показател дека ВМРО ДПМНЕ е реструктуирана, реформирана народна партија за македонско национално единство. Додека јас сум претседател ВМРО ДПМНЕ ќе биде народна партија која ќе се темели на чест, работа и напредок, нема таков полусвет да крои политики во ВМРО ДПМНЕ“,
вели тој.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ во интервјуто за Дојче Веле најави дека во втората половина на август, партијата ќе излезе со прецизни решенија за референдумот, кои како што вели, „ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се урнат овие штетни политики и очигледни блокади“.
Коментирајќи ја суспензијата од Агенцијата за разузнавање на партискиот предлог на ВМРО ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада, Мицкоски нагласи дека му дава целосна поддршка на Наќе Чулев.
„Изговорот е дека Чулев бил екстремист и радикал, а тој секогаш бил во првите редови за Македонија. Одземањето на безбедносниот сертификат е политичка нарачка. Чулев е врвен професионалец кој повеќе од 25 години работи во безбедносните структури, штитејќи го уставниот поредок и безбедноста на Македонија. Тоа парче хартија кое се пишува во политичките кабинети на безбедносните служби е само хартија каде по партиска директива и со мериторно мислење се прави партиски реваншизам“,
вели меѓу другото претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.