Од ДУИ денеска обвинија дека истрагата за трагичниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 59 млади лица, е политички прогон
Жалам што од ДУИ не излегоа од онаа матрица што ја гледаме на политичката сцена повеќе од 20 години и, наместо да изразат сочувство и да се вклучат во истрагата, се обидоа овој случај да го политизираат и етнизираат, односно на глодачки начин се обидоа да добијат некој политички поен на сметка на несреќата на овие невини жртви. Вака премиерот Христијан Мицкоски ја коментираше реакцијата на ДУИ дека тој се заканувал со влечење за уши за да ја прикрие вистината и за лично тој да ја води истрагата по политичка линија.
„Јас само можам да кажам, нека им служи на чест, а ние како влада ќе продолжиме и понатаму да се грижиме и да се бориме против ваквото девијантно однесување. Ќе претресиме сè и ќе извадиме се на виделина за тоа што се случувало во минатото за да видат граѓаните, а мора да признам дека ДУИ повеќе од 20 години е дел од тој систем и барем едно извинување требаше да им даде на граѓаните. Наместо тоа ние добивме една политичка надменост и етнизирање, политизирање и партизирање на случајот и навистина сум разочаран“,
изјави Мицкоски.
Од ДУИ денеска обвинија дека истрагата за трагичниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 59 млади лица, е политички прогон. Оттаму порачаа дека ќе соработуваат со секоја „објективна и независна истрага, но нема да престанеме да бараме јасни одговори на очигледните прашања и да замолчиме пред политичкиот прогон“.