Премиерот посочи дека случајот со депонијата „Дрисла“, за кој денеска рече дека ќе се позанимава МВР, ќе биде истражен, а виновниците ќе бидат пронајдени
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ќе се позанимава со состојбата околу депонијата „Дрисла“ бидејќи, како што вели, симптоматично е тоа што пожарот на депонијата вчера беше ставен под контрола, а при крајот на ноќта повторно се распламти.

„Чудно е како може пожар што беше речиси смирен односно ставен под контрола, наеднаш да се распламти и како токму сега откако успешно се справивме со пожарите. Сочувствувам со секој граѓанин којшто го чувствува ова, но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Инаку, за в.д. директор на „Дрисла“, Арсовска во февруари годинава го назначи Самир Хусени.
Премиерот посочи дека случајот ќе биде истражен, а виновниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Вистинското прашање, како што рече, е кому му одговара ова, особено пред локалните избори.
„Како влада и како институции ги преземаме сите мерки, да немате дилема. За Вардариште знаете дека веќе имаме приведени и осомничени лица коишто ја користеле илегалната депонија. Од вчера има приватна агенција за обезбедување, ангажирана од неколку општини. Вардариште е обезбедено, останува ‘Дрисла’. Имав разговор со министерот за внатрешни работи, на линија сме со директорот на ДЗС и денес-утре тој проблем да биде саниран“,
додаде Мицкоски.
Чадењето од депонијата „Дрисла“ од утринава сè уште беше присутно, но како што соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во многу помал обем од претходно.