Министерот Алиу, во однос на вчерашните најави дека се размислува да се воведат токсиколошки тестирања на здравствените работници, денеска додаде дека работни групи веќе работат на синхронизација на 12 здравствени закони и оти една од можностите што ќе се разгледаат е и ова

Тоа што се случи – се случи, и не треба да се враќаме на тоа. Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски во врска со случајот со сега веќе поранешниот директор на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски, со кого на социјалните мрежи се појави видео во кое тој меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Мицкоски, кој денеска беше во посета на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) заедно со министерот за здравство Азир Алиу, беше прашан и дали ќе бара одговорност затоа што министерството именувало директор без лиценца.
Мицкоски во одговорот рече дека станувало збор за доктор со импозантна биографија.
„Кога ќе ја гледате биографијата на професорот и мој колега, ќе дојдете до заклучок дека станува збор за импозантна биографија која многу ретко ја има, генерално зборувам, на Балканот. Тоа што момент на слабост има поранешниот директор, претпоставувам тоа ќе го следи него во текот на животот и тоа е негова приватна работа, јас тука немам што да кажам. Ние како влада тоа што требаше да го направиме, го направивме и реагиравме веднаш откако оној нелегален материјал се појави на социјалните медиуми“,
рече Мицкоски.
Министерот Алиу, во однос на вчерашните најави дека се размислува да се воведат токсиколошки тестирања на здравствените работници, денеска додаде дека работни групи веќе работат на синхронизација на 12 здравствени закони и оти една од можностите што ќе се разгледаат е и ова.
„Имаме 12 работни групи кои работат на менување или синхронизација на тие закони. Една од можностите што ќе ја разгледаме е дали може во некој од законите да биде и тој член“,
рече Алиу.
Во однос на тоа дали ќе се предвидуваат санкции, Алиу рече дека за тоа ќе треба да кажат правниците и додаде дека кога се креира закон, има процес како да се следат индикаторите и ако не се во склад со законот, кажа дека е нормално да има последици.
Инаку, од вчера за директор на Клиниката за неврологија е назначен докторот Јован Божиновски.