Од ново над Македонија ќе огрее сонцето на слободата и успесите ќе ги заменат неуспесите, правото ќе ја победи неправдата, напредокот ќе ја порази апатијата, подобрата иднина ќе ја смени оваа зачмаеност, порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во честитката до граѓаните
Денот на независноста е круната на борбата за независна, самостојна и суверена македонска држава, денот кога се исполни идеалот на Илинденците и борците од НОБ, но и илјадниците храбри синови и ќерки кои се бореа и ги положија своите животи за своја држава, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во честитката до граѓаните по повод 8-ми Септември.
„Токму на 8-ми Септември 1991 година, на референдумот, народот во Македонија го оствари тој сон и започна сам да ја гради својата иднина и иднината на својата татковина, како рамноправна земја со сите останати во Европа и светот. Патот беше и се уште е трнлив и со многу премрежија. Идејата за просперитетна Република Македонија никогаш нема да престане, особено сега, во време на економско тонење, анационални политики на власта и негирања од надвор. Таа идеа живее кај Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите останати кои ја сакаат својата Македонија како свој дом, кој го наследиле од своите предци, но кој го должат на сите идни генерации“,
порача Мицкоски.
Тој посочува дека новите предизвици бараат сплотеност во ова, како што вели, време-невреме на безнадежност, за што ја обвини власта, дека среќата ја заменила со бесперспективност, беззаконие, неправда и поделеност и социјална нерамноправност.
„Но борбата за подобро утре никогаш не смее да престане. Таа борба денес се води и народот ќе ја извојува победата. Од ново над Македонија ќе огрее сонцето на слободата и успесите ќе ги заменат неуспесите, правото ќе ја победи неправдата, напредокот ќе ја порази апатијата, подобрата иднина ќе ја смени оваа зачмаеност“,
посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.