Ако вонредната состојба се прекине во средината на мај, најбрзо создавање на услови за избори би можело да има во првата половина на јули, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на ТВ24.
„Од она што го слушнав од претседателот на Државната изборна комисија му требале 50 дена за организирање на избори. Ако претседателот на државата ја прекине вонредната состојбата, тогаш теоретски во првата половина на јули е најбрзо што може од денеска да се создадат услови за изборно соочување“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека изборите треба да се случат во услови кога нема да се бројат жртви од коронавирусот и нема да има опасност од заразување со оваа болест.
„Кога ќе имаме услови каде што нема да имаме опасност за заболени од овој вирус, кога нема да броиме починати. Кога ќе може да зборуваме за фер и демократски избори, а не за Фејсбук-избори. Тоа е моментот кога треба да се одржат парламентарните избори“,
рече Мицкоски.