Премиерот рече дека комуникација со вицепремиерот Арбен Фетаи ја водат на англиски
Инаку, во биографијата на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, која е објавена на официјалната веб-страница на Владата, наведено е дека покрај албанскиот, тој говори и македонски, француски, англиски и холандски јазик
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е убеден оти вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи во иднина нема да ја повтори грешката, алудирајќи на настанот од пред два дена кога заменик-премиерот одби да одговори на новинарски прашања на македонски јазик, велејќи дека не е подготвен да говори на македонски.
Единствената грешка, според Мицкоски, е тоа што доколку одлучил да говори на албански јазик, со себе требало да понесе преведувач.

„Јас во мое име им се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговарав со него, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да се повтори“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Од друга страна, премиерот застана во одбрана на Фетаи, велејќи дека тој од својата шеста година е отселен во Белгија и поради тоа нема големо познавање од македонскиот јазик.
„Говори течно четири јазика – англиски, француски, холандски итн., сега да не ги редам. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Има исклучително богата биографија позади себе, школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба да ја дефокусираат јавноста. Се обидува, се труди и учи да го говори македонскиот јазик и знам изминативе 15 месеци колку енергија вложува во сето тоа“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот ова го кажа прашан да го коментира настанот на кој учествуваше вицепремиерот Фетаи пред два дена, а на кој одби да даде одговор на новинарски прашања на македонски јазик.
Фетаи беше на настан по повод промоција на новите црвено-жолти регистарски таблички за службените возила во државна сопственост. Му беа поставени неколку новинарски прашања – сите на македонски јазик, а тој инсистираше дека ќе одговори на албански.
„На албански сакам да одговорам ако може. Уште не сум спремен на македонски“,
изјави Фетаи.
Инаку, во биографијата на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, која е објавена на веб-страницата на Владата, наведено е дека покрај албанскиот, говори македонски, француски, англиски и холандски јазик.
Опозицискиот СДСМ вчера го прозва премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи го дали планира да го разреши Фетаи, откако сличен потег најави кога директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи, во јуни годинава одби да одговори на новинарски прашања на македонски јазик, инсистирајќи дека согласно Законот за употреба на јазиците треба да има преведувач.
Мицкоски тогаш најави дека ќе го разреши Идризи ако уште еднаш одбие да се обрати на македонски јазик.