Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, премиерот рече дека тој и лидерот на СДСМ веќе одржале лидерска средба и дека доколку има потреба од нова, ќе биде организирана, но не во моментов, бидејќи, како што рече, нема причина
Во моментов не гледам причина за лидерска средба – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, деновиве повторно повика да се одржи средба на која би се одредиле црвените линии и би се постигнал натпартиски консензус за клучните државни прашања.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата, Мицкоски рече дека тој и Филипче веќе одржале лидерска средба и дека доколку има потреба од нова, ќе биде организирана, но не во моментов, бидејќи, како што рече, нема причина.
„Па добро често пати ме канат на лидерски средби. Ние имавме една лидерска средба со господинот Венко Филипче. Доколку би имало потреба од таква лидерска средба не гледам зошто да не би ја организирале. Но, во моментов не гледам таква причина, зошто би организирале уште една лидерска средба“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Канал 5 пред два дена рече дека е подготвен за лидерска средба на која би се воспоставиле црвените линии на земјава и би се постигнал натпартиски консензус помеѓу сите политички чинители за најважните државни прашања.
„Натпартиски консензус е единствено можно решение за клучните прашања, но за тоа да се направи треба да се седне и да се разговара, да нема калкулации и предрасуди, да видиме кои се нашите црвнени линии. Подготвен сум во кој било момент да седнеме да разговараме и да видиме како ќе продолжиме напред“,
рече Филипче во интервјуто за Канал 5.